Охрид изминатите денови беше домаќин на јубилејното петто издание на Меѓународниот кошаркарски турнир „Ohrid Hoops 2026“, кој уште еднаш го потврди својот статус на еден од најзначајните младински спортски настани во регионот.
На турнирот учествуваа екипи од Турција, Грција, Албанија, Црна Гора и Македонија, а младите кошаркари низ бројни натпревари демонстрираа квалитетна игра, спортски дух и фер-плеј, создавајќи нови пријателства и незаборавни спомени од престојот во Охрид.
Во категоријата до 11 години (У11), шампионскиот пехар го освои екипата на Сутоморе од Црна Гора, додека во категоријата до 13 години (У13) најуспешен беше турскиот состав Пертенвијел – Анадолу Ефес.
Најголем интерес предизвика финалето во категоријата до 15 години (У15), каде во возбудлив натпревар силите ги одмерија грчкиот БЦ Ајас Евосму и домашната селекција составена од младите кошаркари на Колибри и ГКК Охрид. Победата им припадна на младите охриѓани, кои на најубав можен начин го одбележаа својот прв заеднички настап на турнирот, а за МВП на мечот беше прогласен мадиот охридски талент Никола Рилковски.
Токму заедничката екипа на Колибри и ГКК Охрид беше една од најзначајните новини на годинашното издание. Од оваа сезона двата клуба ќе настапуваат заеднички во младинските лиги, со цел создавање поквалитетни генерации и подобри услови за развој на младите кошаркари во градот.
Организаторите упатија благодарност до Општина Охрид и градоначалникот за поддршката во реализацијата на турнирот, како и до бројните пријатели и спонзори – Михајло Филев, Лабино Саунд, Кожувчанка, Леарница и ГКК Охрид, кој обезбеди играчи во сите три натпреварувачки категории.
Претседателката на КК Колибри, Весна Балазоска Милошевиќ, истакна дека турнирот од година во година бележи раст и станува сè попрепознатлив на меѓународната кошаркарска мапа.
Горди сме што успешно го реализиравме јубилејното петто издание на ‘Охрид Хупс’. Од година во година турнирот расте, привлекува поквалитетни екипи и станува препознатлив надвор од границите на Македонија. Посебно ме радува фактот што покрај спортските резултати, децата создаваат нови пријателства и носат прекрасни спомени од Охрид, изјави Балазоска Милошевиќ.
Таа нагласи дека заедничкиот настап на Колибри и ГКК Охрид претставува важен чекор за иднината на младинската кошарка во градот и изрази уверување дека со заеднички сили ќе се создадат уште подобри услови за развој на младите спортисти.
OhridNews
















