Во саботата, на 58-годишна возраст, ненадејно, како последица од вирусот ковид -19, почина поранешниот тренер на Кошаркарскиот клуб Амак СП – Охрид, Марјан Лазовски. Со популарниот „Маки“ на клупата, Амак СП во 2009 година ја освои титулата во Купот на Македонија, победувајќи го Пелистер во финалето, кое се одигра во преполната сала „Билјанини Извори“. Успехот на Амак СП се уште не е надминат или повторен од некој друг охридски клуб во колективните спортови.

Лазовски беше мозокот на екипата на Амак СП. Со неговата смиреност покрај аут линијата им даваше голема сигурност на кошаркарите, а стручноста и посветеноста му беа адути. Со емотивна порака од Лазовски се збогуваше тогашниот капитен на Амак СП, Ефтим Богоев, кој моментално живее и работи во САД.

Богоев и Лазовски

-Ми беше чест што те познавав. Ретко добар човек. Имавме доста добри моменти, особено освојувањето на титулата во Купот на Македонија со Амак СП. Почивај во мир и сочувство до фамилијата. – стои во пораката од Богоев.

Десната рака во стручниот штаб на Лазовски во Амак СП, Марјан Бошалевски раскажува дека тој бил максимално посветен на кошарката и едноставно живеал за неа.

-Имаше одлично познавање на кошарката. Но, пленеше и со смиреноста, скромноста и големите човечки особини. Само една сезона му беше доволна да го вивне Амак СП во врвот од македонската кошарка што говори најдобро за неговите квалитети. Имавме и евро-авантура која ќе ја паметам цел живот. Го елиминиравме тимот на Целје Пивоварна Лашко, а потоа отпаднавме од холандскиот првак Ајфел Тауерс. Натпревари кои остануваат во аналите на охридскиот спорт. – изјави Бошалевски.

Бошалески и Лазовски

Лазовски беше омилен и чест гостин во охридските медиуми, бидејќи секогаш беше искрен и расположен за разговор без разлика на исходот од натпреварот. Интернет порталот OhridNews во чекор ги пратеше успесите на Амак СП, радувајќи се на секој успех.

Професионалец каков што може да се посака, посветен на својата работа, секогаш коректен, смирен но одлучен во своите намери. Како таков ќе го паметам Марјан Лазовски, со кого имав беспрекорна соработка за време на неговиот престој на кормилото на тогашниот охридски кошаркарски клуб Амак СП. Поминаа години од триумфот на АМАК СП во кошаркарскиот куп во Охрид, сега веќе во далечната 2009 година, но емоциите и сеќавањата на победите до патот до титулата во СРЦ Билјанини Извори не бледнеат. Тој триумф беше некако победа за сите нас кои директно или индиректно бевме инволвирани. Ненаметлив, вреден, тивок препуштајќи ја големата сцена за своите кошаркари популарниот Маки го водеше тимот. Не е воопшто лесно после натпревар кога се уште вријат емоциите да одговараш на новинарски прашања во тунелот, што би било кога би било, но Марјан тоа успеваше успешно да го менаџира, да ја балансира ситуацијата меѓу соблекувалната и јавноста. Од многуте разговори водени посебно се сеќавам на телефонскиот разговор по пристигнувањето на Македонската кошаркарска репрезентација од ЕП Литванија во Скопје. Кога тој заедно со стручниот штаб и репрезентативците качени на автобусот се возеа на кај плоштадот Македонија. Си честитавме на големиот успех и посакавме уште многу такви успеси за Македонија. Мое искрено сочуство до членовите на неговата фамилија. – рече новинарот Мирко Постоловски кој беше дел од тимот на ОhridNews во шампионските денови на Амак СП под водство на Лазовски.

Радоста на Лазовски после финалниот меч со Пелистер во Купот.

Лазовски како ретко кој кошаркарски работник имаше селекторски ангажман во машката и женската национална репрезентација. Од Кошаркарската федерација на С Македонија (КФСМ), истакнаа дека македонската кошарка изгубила човек со ведар дух и голема добрина кој работел со голема љубов кон кошарката. Баш каков што беше Марјан Лазовски.

Почивај во мир Маки!

OhridNews