Означен почетокот на реализацијата на два нови проекти одобрени во рамките на првиот повик на ИПА III Програмата за прекугранична соработка со Република Албанија. Станува збор за проектот „Волонтери во акција за безбедност на луѓето и заштита на природата“ кој е во рамките на тематски приоритет 1 – Заштита на животната средина и подигнување на отпорноста на регионот и проектот „Крушево и Елбасан – патување низ природата и авантурата“ кој е во рамките на тематски приоритет 2 – Развој на одржлив туризам и заштита на природното и културното наследство.

Во оваа насока денес беа потпишани два договори за национално кофинансирање меѓу Министерството за локална самоуправа и носителите на проектите, како и Договорот за партнерство за техничката помош на Програмата за прекугранична соработка со Албанија, во висина од 500.000 евра.

Чест и задоволство е токму од Охрид од ова место кое е модерен, современ оперативен центар на Планинската спасителна служба на Црвен Крст Охрид, изграден и опремен со реализација на два меѓугранични проекти од ИПА програмата финансирана од Европската Унија и Министерството за локална самоуправа, и токму во пресрет на 5ти декември Светскиот ден на волонтерството да го означиме почетокот за реализација на новиот меѓуграничен проект „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата”, рече претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Посочи дека во наредните две и пол години проектот ќе го спроведува Црвен Крст Охрид во партнерство со Националниот парк Галичица, Националниот сојуз за планинско спасување со придружните членови Алпинистички клуб Патагонија Охрид, Планинарски клуб „Љуботен” Тетово од македонска страна и Федерацијата за планинарство и туризам на Албанија и општина Пекин од Албанија,

Посебно е чувството на вистина и гордоста на нас во Црвениот Крст, што како хуманитарна и волонтерска организација во која создаваме услови и негуваме амбиент за мотивирање, поттикнување и поддржување на волонтерите, особено оние кои слободно размислуваат, имаат храбри, хумани и креативни идеи и изгледи за подобрување на животот во заедницата, како такви сме препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија со покажаната доверба за реализација на ваков проект од ИПА програмата. Имајќи ги во предвид нашите човечки волонтерски капацитети, искуството, ентузијазмот, енергијата, искрената и месечна посветеност и макотрпната работа на целиот тим кој ќе биде вклучен во имплементација на проектот, квалитетот на партнерските организации, уверен сум во уште еден ефикасен и професионално спроведен проект со вид на корист и бенефит за целата заедница, потенцираше Точков.

Воедно изрази благодарност за поддршката за волонтерската активност на Планинската спасителна служба на Црвен Крст Охрид со која рече се поддржува транспарентна, неполитична, хумана работа во интерес на граѓаните и поврзана со спасување на највредното човечкиот живот.

Програмата за погранична соработка со Албанија  е насочена кон два клучни приоритети, од кои едниот е заштитата на животната средина и подигнување на отпорноста на регионот, преку јакнење на капацитетите за справување со ризици, подобро управување со природните ресурси и унапредена заштитените подрачја, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Ова значи побезбедни општини, поефикасни локални услуги и поголема грижа за биодиверзитетот што го споделуваме со нашите соседи. Вториот приоритет е развој на одржлив туризам и зачување на природното и културното наследство со создавање на заеднички туристички услуги, унапредување на локалните традиции и отворање на нови економски можности за малите бизниси, жените и младите. На овој начин создаваме модерен, одржлив туристички производ кој ќе ја спојува природата, културата и автентичноста на целиот наш регион. Овие две нови инвестиции со вкупна вредност од повеќе од 1,6 милиони евра ќе придонесат за создавање на одржлив туристички производ кој ја спојува природата, културата и автентичноста на целиот регион. Овој настан не е само формална активност, туку тоа е потврда за нашата заедничка определа кон европските вредности и за вербата дека развојот е потврден кога го градиме заедно со нашите партнери. Потпипшувањето на денешните договори е чекор напред, но е само почеток. Следува период на имплементација на работа на терен, на резултати кои треба да ја променат секојдневната реалност на луѓето во овој регион, додаде Перински.

Го поздравуваме иновативниот дух на прекуграничните проекти и сакаме истите да го постигнатиот целосниот потенцијал, а поддршката за нивната реализација е многу значајна, рече амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, потенцирајќи дека нивните цели се јасни да се зајакне соработката и да се обезбедат сигурни и одржливи проекти.

Проектите за кои дискутираме денес се оние кои ќе промовираат не само пријателство, туку тие ќе ви помогнат во процесот на интеграција во ЕУ. Имаме долга историја на соработка преку границите, справување со заедничките економски предизвици, заштита на животната средина и социјална инклузија. Овие се од витално значење за интеграцијата во ЕУ и регионалниот развој. За тоа се наменети прекуграничните програми на ЕУ. Заедно, поттикнување на довербата и солидарноста, поддршка на балансираниот развој и зајакнување на европскиот идентитет и единство. Северна Македонија е веќе дел од пет прекугранични програми за соработка со своите соседи, со проекти вредни 90 милиони евра. Ова е доста значајно. Само програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија вреди околу 12 милиони евра и се фокусира на економски раст, одржлив развој и социјална кохезија, како што спомена министерот. Нова генерација проекти е тука, а два од нив ги презентираме денес. Го славиме иновативниот дух на наградените проекти бидејќи мора да признаеме дека има простор за подобрување. И тоа е во текот на целата наша соработка. Сигурен сум дека со подобрени капацитети и поголема оперативна помош, тие проекти ќе придонесат за регионалниот развој, рече Рокас.

Директорката на Директоратот за конвергенција и кохезија со ЕУ на Албанија, Еридана Чано посочи соработката меѓу двете земји во рамките на програмата порасна не само во обем, туку и во стратешка длабочина и зрелост.

Договорот за партнерство меѓу Министерството за локална самоуправа и САСПА сега е финализиран и заедно го консолидираме механизмот за имплементација и заедничката структура што ќе ја води програмата во наредните години. Денес, формално ги започнуваме двете иницијативи што ги отелотворуваат основните вредности на Европската Унија: солидарност, одржливост и отпорност. Надвор од нивните буџети или инфраструктури, овие проекти ќе претстават нешто подлабоко. Тие носат ветување за подобрување на животот на нашите луѓе. Тие создаваат посебни, побезбедни простори за семејствата, ги прошируваат можностите за младите луѓе и отвораат нови економски патишта што ќе продолжат да ги обликуваат и зајакнуваат нашите пошироки заедници, пограничните заедници долж проектот. Како јавна институција, имаме должност да се залагаме за интервенција и да ги претвориме идеите во трајни, јавни иницијативи што ќе ги подобрат заедниците, ќе ги оспособат граѓаните и ќе ја продлабочат основата на заедничкиот просперитет. Гледајќи кон идните цели, силно се надеваме дека следната генерација проекти што ќе продолжат да се вкоренуваат во вистинските потреби на прекуграничните заедници ќе го дадат максималното можно влијание и ќе обезбедат секое инвестирано евро да се претвори во значајни резултати и тие да се надополнат со она што амбасадорот го кажа претходно. Прекуграничната соработка успева само кога нејзините придобивки се видливи, опипливи и се чувствуваат во секојдневниот живот. И ова мора да остане наш водечки принцип, додаде Чано.

Проектот „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ има особено значење за Охридскиот регион и е вистински чекор напред во јакнењето на нашите локални капацитети, во заштитата на човечките животи и во зачувувањето на уникатната природна средина, рече во обраќањето градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Западноевропските земји одамна го препознаа значењето на волонтерите во системите за цивилна заштита, каде и до 95% од спасувачките интервенции на планина и вода ги извршуваат специјализирани волонтерски организации. Тие се двигателот на солидарноста и хероите кои спасуваат човечки животи. Се радувам што преку овој проект и нашиот регион ќе ги подобри условите за делување на Службата за спасување на вода при Црвен крст, Охрид. Покрај напредните обуки, од особено значаење ќе биде набавката на брод амбуланта. Овој брод ќе овозможи брз, безбеден и квалитетен медицински транспорт преку езерото и поголема безбедност за сите жители и посетители на Oхридското крајбрежје.

Исто така, додаде Пецаков, од особено значење се и активностите поврзани со Националниот парк Галичица, каде што ќе се воспостават нови „еко-патролни“ тимови кои ќе помогнат во спречување на нелегални активности, шумски пожари и несреќи.

Како локална самоуправа, Општина Охрид секогаш стои зад овие процеси, со поддршка во сите сегменти каде што е неопходно. Секогаш сме тука да бидеме партнер, да придонесеме кон унапредување на безбедноста, институционалната подготвеност и одржливиот развој на регионот. Верувам дека вложувањето во луѓето, во нивната подготвеност и заштитата на природата е најважната инвестиција што можеме да ја направиме, потенцираше Пецаков.

Поддршката од Европската Унија и Министерството за локална самоуправа на овие проекти претставува значаен двигател за развојот на прекуграничниот регион Крушево, Охрид, Пекин, Елбасан, рече градоначалникот на Крушево Нико Чонески.

Оваа поддршка е особено значајна за една мала општина како Крушево, која располага со ограничени финансиски и човечки ресурси, бидејќи программата овозможува пристап до експертиза и партнерства, стратешки инвестиции насочени кон туризмот, инфраструктурата и заштитата на околната средина, зголемување на социјалната кохезија и инклузија, поттикнување на регионалниот развој, нови можности за бизнис соработка, услови за одржлива локална економија, и зголемена конкурентност на регионот, додаде Чонески.

На настанот беше одржана и презентација на програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, како и проектите за кои денес беа потпишани договорите.

Фото галерија:

Охрид и Крушево го отвораат новиот циклус на ИПА III проекти за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија

 

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска