Повеќе од 500 учесници од целиот свет ќе бидат дел од 7-миот меѓународен ,,CEFood-Конгрес” кој ќе се одржи во Охрид од 21 до 24 мај 2014 година. Овој научен собир кој за прв пат се одржува во Република Македонија е под покровителство на ,,Европската Федерација за Науки и Технологии во храната’’ и ,,Меѓународната Унија за Науки и Технологии во храната’’.
CEFood -Конгресот се одржува секоја втора година во различна држава и на едно место ги собира сите производители и дистрибутери на храна, а научниците и истражувачите од прехрамбените институти имаат можност да гo промовираат својот професионален развој и новините во прехрамбените науки и технологии. До сега овој меѓународен собир се одржувал во Љубљана-Словенија, во Будимпешта-Унгарија, во Софија-Бугарија, во Цавтат-Хрватска, во Братислава-Словачка и во Нови Сад-Србија.
Според најавите на организаторите, на конгресот во Охрид ќе се разменуваат искуства за вкупно 14 теми меѓу кои ,,Состојки и адитиви во храната’’, ,,Производство и преработка на храна’’, ,,Прехранбено инженерство”, ,,Хигиенско инженерство и Пакување на храна’’, ,,Разладување и замзнување на храна’’, ,,Прехранбена биотехнологија’’, ,,Управување со синџири за храна и добиточна храна’’ и други теми.
OhridNews