Охрид  во соработка со „Делта“ клубот од Прилеп ќе бидат домаќини на Европското првенство во параглајдинг во дисциплината на прецизно слетување кое ќе се одржи од први до осми јули.  На Европското првенство учествуваат 15 селекции, а небото над Охрид ќе го прелетаат околу 80 пилоти.


Делта клубот од Прилеп е еден од најголемите организатори на натпревари во Македонија. Годинава клубот слави јубилеј 20 години постоење и ќе го крунисаме со организација на Европско првенство во параглајдинг во дисциплината прецизно слетување. За да стигнеме до добивање на Европското првенство голема поддршка имавме од Националниот Парк “Галицица“ и одопштина Охрид како и спонзорите “Витаминка“, Локалната Самоуправа од Прилеп и Македонски шуми. ЕП официјално започнува на први јули и ќе трае до осми јули. Репрезентациите треба да пристигнат на 27 јуни да одработат неколку тренинг летовои со кои ќе го запознаат теренот. Параглајдерите ќе се натпреваруваат во ФАИ 1 конкуренцијата која е најквалитетна и најголема. Се надевам дека временските услови ќе не послужат, и да се преставиме како добри домаќини на Европското првенство – истакна Златко Спиркоски организатарот на ЕП.

НП “Галичица“и Делта клубот од Прилеп не се среќаваат прв пат со организација на големо натпреварување во Охрид. Минатото лето домаќини беа на пред европскиот камп додека пред три години одлично беше организан Светскиот Куп.


– Кога пред пет години ја договоривме соработката со клубот од Прилеп се договоривме за организација на големи натпреварувања. Тоа и се случи, го добивме за организација Европското првенство во дисциплината прецизно слетување. За потребите на ова ЕП направивме две нови места за стартови кои се уредени по сите стандарди. Позитивна оценка добивме во организација на Светскиот Куп и пред Европското првенство, а се надевам дека така добро ќе поминиме и на ЕП –  потенцираше директорот на Националниот Парк, “Галичица“, Зоран Ангелоски.

Македонската селекција која е домаќин на Европското првенство ќе настапи со пет пилоти. Од репрезентацијата очекуваат добри резултати, подкрепени со индивидуални награди.


– Една селекција е составена од седум пилоти, пет машки и два женски. Кај женските пилоти македонската репрезентација е хендикепирана поради немањето на женски пилоти. Од седумте пилоти се земаат четирите најдобри времиња и се бодуваат,  а нас тука ни се намалуваат можностите за подобро време и немаме право на грешка. Честа да се бранат боите на својата земја на Европското првенство е голема. Во селекцијата поседуваме добри пилоти и се надевам на индивидуални награди. Ја повикувам охридската јавност и сите туристи кои ќе дојдат во Охрид во периодот кој ќе одржи ЕП да ја бодрат репрезентацијата на Македонија – заврши организаторот Спиркоски.

Официјалнот отварање на Европското првенство во прецизно слетување ќе биде на први јули во 20 часот на градскиот плоштад во Охрид.

Мх.П.