Фудбалскиот клуб Охрид и следната сезона ќе биде дел од второлигашкото друштво, откако Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги прифати предлозите од Натпреварувачката комисија.

Во предлогот од натпреварувачката комисија до УО на ФФМ околу судбината на двете Втори лиги стоеше,  целосен прекин на двете лиги (запад-исток), првопласираните екипи на табелата да обезбедат пласман во Првата лига, а следната сезона дел од Втората лига да бидат истите екипи од оваа година, плус екипите од Третите лиги кои ќе обезбедат пласман по пат на бараж.

Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Натпреварувачката комисија на ФФМ за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 од Втора МФЛ. Исто така, Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Натпреварувачката комисија во Прва МФЛ од натпреварувачката сезона 2020/2021 да се натпреваруваат екипите кои во моментот на прекинот на натпреварувачката сезона 2019/2020 се на првото место на табелата од Втора МФЛ – Исток и Втора МФЛ – Запад;

Местата во Втора МФЛ – Исток и Втора МФЛ – Запад ќе се пополнат со одигрување на бараж натпревар помеѓу екипите кои во моментот на прекинот на натпреварувачката сезона 2019/2020 во Третите лиги се на првото место на табелата. – стои во соопштението од ФФМ околу Вторите лиги.

Што значи дека Охрид ќе го задржи второлигашкиот статус и ќе добие нова шанса да се натпреварува во Втората МФЛ запад. Битолски Пелистер и струмичка Беласица профитираа од прекинот од првенството бидејќи се промовирани за нови прволигаши.

УО на ФФМ го потврди продолжението на Првата МФЛ и Купот на Македонија. Другите натпреварувања како женски и детски фудбал, футсал и сите активности се прекинати за оваа сезона.

Мх.П.