Претседателот на Република Македонија,  Ѓорге Иванов, на 1 јуни 2013 година, во Охрид, ќе биде домаќин на 16. Самит на Шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Главни теми на кои ќе биде посветен Самитот под мотото „Солидарност во акција“ се намалување на ризиците од катастрофи и адаптација кон климатските промени. 16. Самит на Шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа претставува завршна активност во рамките на едногодишното македонско претседавање со оваа регионална иницијатива.

Претседателот Иванов, на 2 јуни 2013 година, во Струга, ќе биде домаќин на 11. Регионален форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите“, насловен како „Млади за иднината – иднина за младите“.

Во фокусот на дебатата на регионалните лидери на 11. Форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите“, ќе биде создавање на безбеден, мирен и просперитетен свет за идните генерации и вложување во нивното образование со цел активно да придонесат во градењето на демократските процеси, доброто државно владеење и унапредувањето на долгорочните и конструктивни односи меѓу државите и народите. Со Форумот во Струга ќе биде одбележан и 10 годишниот јубилеј од „Дијалогот меѓу цивилизациите“, кој започна на иницијатива на поранешниот претседател на Република Македонија, г. Борис Трајковски, кој во Охрид, 2003 година, беше домаќин на Првиот регионален форум.

Досега, на настаните во Охрид и Струга, своето присуство го потврдија и се очекува да учествуваат претседателите на Албанија, Бујар Нишани, на Босна и Херцеговина, Небојша Радмановиќ, на Република Бугарија, Росен Плевнелиев, на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Молдавија, Николае Тимофти на Црна Гора, Филип Вујановиќ, на Романија, Трајан Басеску, на Република Србија, Томислав Николиќ, на Република Словенија, Борут Пахор, како и министерот за надворешни работи на Република Турција, Ахмет Давутоглу.

Како учесници или специјални гости на двата настана се очекува да учествуваат  претседавачот со Генералното собрание на ООН,  Вук Јеремиќ, генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, комесарот на Европската Унија за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи, Кристалина Георгиева, специјалниот претставник на Генералниот секретар на ООН за намалување на ризиците од катастрофи,  Маргарета Волстром, како и други високи претставници на меѓународни асоцијации и организации.

OhridNews