Охрид и Струга се рекордери според бројот на вработени во комуналните претпријатија. Најмногу луѓе се вработени во „Проаква“. За 10 години бројот на вработени во Охридските комунални претпријатија се зголемил од 202 вработени во 2005 на 774 луѓе во 2014, или за 4 пати. Ова го објави Центарот за истражувачко новинарство СКУП во рамки на истражувачката сторија „Предизборни вработувања: Повеќе од 1000 нови комуналци за само две години“.
Секој Охриѓанец за плати на вработените во комуналното претпријатие плаќа по 300 денари. Ова сума граѓаните мора да ја издвојат за 776-те вработени секој месец. Најмногу вработени во Охрид има во „Проаква“, 269 во ЈП „Охридски Комуналец“ има 240, 105 има во „Нискоградба“, а во „Градски гробишта“ има 69 вработени. 63 вработени има во ЈП „Биљанини извори“ и 36 во „Градски пазар“. После Охриѓани дебело плаќаат и Стружани, по 230 денари, Ресен Дојран и Гевгелија плаќаат од 160 до 190 денари, додека од поголемите градови Гостивар за плати на комуналците издвојува само 37 денари месечно.
Раст на вработените во комуналните претпријатија има и во Штип. Општината има формирано 4 комунални претпријатија. Тројно зголемување на бројот на вработени во изминативе 10 години има во Пехчево, Македонски Брод, Чучер Сандево и Прилеп.
За зголемувањето на бројот на вработени во прилепските комунални претпријатија во изминативе 10 години секој граѓанин на Прилеп треба да издвои дополнителни 65 денари месечно само за плати. Истражувањето на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија покажа деказа секои избори бројот на комуналци се зголемува. Така во 2005 година во комуналните претпријатија работат 6.034 комуналци, во 2008 и 2009 во очи на локалните избори се вработени дополнителни 1.000 луѓе. Повеќе од 1.000 луѓе се вработени и пред локалните избори 2013 и парламентарните избори 2014 година.
Додека општините го зголемуваат бројот на вработените во комуналните претпријатија пред секој циклус на избори, квалитетот на услугите и опременоста во тие претпријатија опаѓа. Возилата за собирање на смет се стари и по неколку децении. Ретки се некои општини претежно од Источна Македонија кои искористија странски фондови за да купат по некој камион за собирање на смет.
OhridNews
Извор:http://scoop.mk