Делегација на Општина Охрид предводена од Секретарот Димитар Спасески, заедно со директорот на ЈП “Билјанини Извори“, Ристе Мише и Конзулот на Република Унгарија во Македонија, Сашо Јанакиевски, се наоѓа во работна посета на Веспрем – Република Унгарија. Во рамки на престојот, остварена е работна средба со Градоначалникот на Веспрем, Ѓула Порга, при што е договорено двата града да започнат постапка за нивно збратимување, кое се очекува да биде официјализираа ова лето кога е најавено гостување на градоначалникот на Веспрем во Охрид. По овој чекор се очекува да се интензивира соработката помеѓу Веспрем и Охрид, во поглед на аплицирање и поддршка за користење средства од ЕУ фондовите. Овој унгарски град за седум години има реализирано проекти финансирани од ЕУ во вредност од околу 34 милиони евра.
Во рамки на престојот , делегацијата го посети тамошниот Универзитет за информатика кој е еден од најпознатите во Унгарија, каде е разговарано за поконкретна соработка меѓу овој и факултетот за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле” од Охрид. Меѓу другото се разгледуваат можностите наши студенти во летниот период од годината да престојуваат во Веспрем, а се разговара и за отворање на Факултет за животна средина во Охрид кој би работел по програма компатибилна со најдобрата европска универзитетска програма за оваа област.
Остварена е средба и со Претседателот на Управниот Одбор на Ракометниот Клуб на Веспрем кој изразил подготвеност за меѓусебна соработка, односно уште ова лето најавено е нивно присуство во Охрид . Инаку, веќе е договорена соработка меѓу ракометните клубови од двата града во делот на младински категории, што е особено значајно за сериозно спортско заживување на Охрид.
Во рамки на работната посета, пред градоначалникот на Веспрем и туристичката заедница на Унгарија, презентирани се можностите за инвестирање во Охрид во делот на туризам, како и презентација на брошурата „ Инвестирајте во Охрид“, со сите можности, потенцијали и поволности кои ги нуди Охрид во делот на привлекување на странски инвестиции.
OhridNews