ГРК Охрид ќе го брани трофејот на Меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“. Охриѓани вечерва одиграа 30:30 со Загреб и благодарение на подобрата гол-разлика го освоија првото место во групата и обезбедија пласман во големото финале, каде ќе се сретнат со Вардар 1961.
Дуелот со Загреб понуди драматична завршница. Хрватскиот тим во финишот имаше и четири голови предност, но Охрид не се предаде и успеа да се врати во натпреварот. Ѓукиќ со погодок во последните секунди израмни на 30:30, резултат кој на домаќинот му беше доволен за првото место во групата.
Охрид така групната фаза ја заврши без пораз, со победи над Египет У20 со 31:27 и Војводина со 29:19 и реми со Загреб.
Противник во финалето ќе биде актуелниот македонски првак и освојувач на Купот, Вардар 1961, кој вечерва го совлада Тримо Требње со 28:26 и го освои првото место во својата група.
Финалето ќе биде уште една пресметка на двата македонски ракометни ривали во краток период. Охрид и Вардар играа и во финалето на неодамна одржаниот Меѓународен ракометен турнир во Струга, каде охриѓани славеа и го освоија трофејот.
Двата тима повторно ќе ги одмерат силите и на 2 септември во Гевгелија, во натпреварот за Суперкупот на Македонија.
Охрид во финалето на „Крсте Андоновски“ ќе се обиде да го одбрани трофејот освоен минатата година, додека Вардар ќе бара реванш за поразот во финалето во Струга.
Г.М.
Фото: Анамарија Момироска I Архива














