Градскиот плоштад во Охрид вчера беше исполнет со музика, позитивна енергија и детска смеа, откако стотици граѓани се приклучија на pop-up настанот „Чисто е убаво -Охрид селектира“, организиран од ЈП „Охридски Комуналец“ и Општина Охрид со поддршка од Шведска преку SALAR International. Настанот беше дел од подготвителните активности за големата иницијатива за селекција на отпад во туристичкиот и угостителскиот сектор.

Наставниците и учениците од неколку основни училишта кои се дел од едукативната програма на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“ имплементиран од SALAR International, активно ги водеа игрите и ги охрабруваа граѓаните да се вклучат. Волонтери на Црвениот Крст, претставници од ЈКП „Охридски Комуналец“ и општина Охрид споделуваа корисни совети за правилна селекција и делеа информативни материјали.
Многу сме задоволни од одзивот. Граѓаните покажаа искрен интерес, а најмладите ни демонстрираа дека навиките за селекција можат да се учат брзо и лесно кога процесот е претставен на разбирлив и забавен начин, изјавија организаторите.
Додаваат дека настанот е уште една потврда дека Охрид има волја и потенцијал да стане пример за одржливо постапување со отпад и за заедничка грижа за природата.
Настанот е дел од пошироката кампања „Чисто е убаво -селектирај“, која претставува нова платформа за соработка меѓу институциите, хотелите, угостителските објекти, маркетите, туристите, граѓаните и граѓанските организации, со една заедничка цел: почист и поубав Охрид.

Организаторите упатуваат благодарност до сите граѓани кои учествуваа на настанот и помогнаа да се пренесе пораката дека чист град е убав град.”
OhridNews















