Градскиот плоштад во Охрид вчера беше исполнет со музика, позитивна енергија и детска смеа, откако стотици граѓани се приклучија на pop-up настанот „Чисто е убаво -Охрид селектира“, организиран од ЈП „Охридски Комуналец“ и Општина Охрид со поддршка од Шведска преку SALAR International. Настанот беше дел од подготвителните активности за големата иницијатива за селекција на отпад во туристичкиот и угостителскиот сектор.

Целта на настанот беше на забавен, интерактивен и практичен начин да ги доближи процесот на селектирање и правилното постапување со отпад до граѓаните и посетителите на Охрид. Повеќе едукативни пунктови им овозможија на учесниците да учат преку игра – од погодување за колку време се распаѓаат различни материјали, до „кошарка со отпад“ и „рециклирачко бинго“, активности кои предизвикаа голем интерес кај децата и возрасните.

Наставниците и учениците од неколку основни училишта кои се дел од едукативната програма на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“ имплементиран од SALAR International, активно ги водеа игрите и ги охрабруваа граѓаните да се вклучат. Волонтери на Црвениот Крст, претставници од ЈКП „Охридски Комуналец“ и општина Охрид споделуваа корисни совети за правилна селекција и делеа информативни материјали.

Многу сме задоволни од одзивот. Граѓаните покажаа искрен интерес, а најмладите ни демонстрираа дека навиките за селекција можат да се учат брзо и лесно кога процесот е претставен на разбирлив и забавен начин, изјавија организаторите.

Додаваат дека настанот е уште една потврда дека Охрид има волја и потенцијал да стане пример за одржливо постапување со отпад и за заедничка грижа за природата.

Настанот е дел од пошироката кампања „Чисто е убаво -селектирај“, која претставува нова платформа за соработка меѓу институциите, хотелите, угостителските објекти, маркетите, туристите, граѓаните и граѓанските организации, со една заедничка цел: почист и поубав Охрид.

Иницијативата започна со група девет пилот-партнери, меѓу кои хотели, маркет, како и основните и средни училишта како дел од програмата “Училишта без пластика”. Во следните месеци, Општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“ ќе ја прошират мрежата на партнери со цел до почетокот на туристичката сезона 2026 година значаен дел од градот да биде целосно подготвен со воспоставени системи за правилно управување со отпад. Воедно, едукативните и информативни активности кои се дел од кампањата продолжуваат и во следните месеци со нови едукативни содржини, обуки и практични алатки за граѓаните и бизнис заедницата.

Организаторите упатуваат благодарност до сите граѓани кои учествуваа на настанот и помогнаа да се пренесе пораката дека чист град е убав град.”

OhridNews