Релативно нискиот атмосферски притисок, големиот број сончеви денови, поволното струење на воздухот, благите промени на температурата од едно во друго годишно време и многу други климатски погодности на Охридското крајбрежје се вистински благодет за здравјето на луѓето, па токму поради тоа регионот околу градот Охрид е идеален за развој на здравствен туризам, сметаат лекарите.

Освен поволните климатски карактеристики како главна основа за развој на здравствениот туризам се и двете специјализирани здравствени установи: Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан” и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ кои годишно лекуваат илјадници пациенти.

Но и покрај расположливите капацитети, евтините оперативни и болнички третмани, бројот на лекувани странски пациенти во Охрид не е на високо ниво и треба да се вложат поголеми напори за промоција и развој на здравствениот туризам.

Потребна е национална стратегија

Од управата на заводот „Свети Стефан“ велат дека текот на една календарска година просечно регистрираат околу 17 илјади амбулантски прегледи од кои има по околу 150 странски државјани, а во делот на болничкото лекување евидентираат околу 2.500 пациенти годишно, од кои околу 120 доаѓаат од странски земји.

-Овде би ги спомнале странските пациенти кои доаѓаат во тек на целата година, а најчесто станува збор за поединечни случаи од пограничните места на соседна Албанија. Истите најчесто доаѓаат заради кардиолошки прегледи при што ги користат специјалистичко-консултативните услуги на нашата болница, но неретко доаѓаат и потешки случаи кои завршуваат во Катетеризационата лабораторија за Интервентна кардиологија и Единицата за интензивна нега каде го добиваат потребниот третман, вели д-р Изабела Афтоска, директор на Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан”.

Таа објаснува смета дека освен потенцијалите и условите, за развој на здравствен туризам потребна е и национална стратегија и прецизирана политиката на државата во однос на тоа прашање.

-Очигледно, неопходна е потребата од поголемо вложување напори и истовремено заедничко делување од сите страни, потребна е поцврста соработка помеѓу државните институции, министерствата и фондовите со цел поголемо инвестирање во подобрување на капацитетите и здравствените услови на здравствените установи, поголемо вложување на здравствениот кадар во своето стручно знаење, но секако и поголема соработка и вложување и од туристичките работници со цел поголема промоција на расположливите потенцијали и привлекување на странски пациенти, потенцира д-р Афтоска.

Според неа како целна група за развој на здравствен туризам, на која Охрид би можел да се насочи се државите од северозападна Европа, како што се на пример  Норвешка, Данска, Финска, Холандија, но и државите од Југоисточна  Европа, како што е Полска, Чешка, Романија, Турција.


Пионерски чекори на странскиот пазар

И Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ остварува исклучително успешни резултати во своето работење и реализира во просек по околу 2.000 операции на годишно ниво. Исто така во текот на една година, оваа здравствена установа рализира околу 55.000 амбулантски прегледи и згрижува над 4.000 пациенети на болничко лекување и рехабилитација.

Од управата на специјалната болницата велат дека првите чекори за привлекување на странски пациенти ги направиле пред повеќе од 10 години. 

-Нашата здравствена установа на некој начин е пионер за развој на здравствениот туризам во Македонија, бидејќи уште од 2002 година започнавме да работиме на овој план. Прво бевме концентрирани на соседните региони и успевме да привлечеме пациенти од Албанија, Србија и Косово. Овие пациенти најчесто доаѓаат за операции  во делот на  ендопротетиката односно вградување на вештачки колена и колкови, како и за операции на кичма, вели д-р Митко Тилев, директор на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија.

Тој објаснува дека за да ги подобрат условите за престој на странските пациенти имаат уредено посебен оддел кој има 12 опремени болнички апартмани, каде што пациените можат да престојуваат по сопствена желба.

Ќе се формира нов Регионален здравствен центар

Д-р Тилев се надева дека потенцјалите за развој на здравствен туризам во Охридскиот регион значително ќе се подобрат со реализација на проектот за спојување на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија и Заводот за превенција лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања.

-Владата на Република Македонија веќе има донесено одлука да настане спојување на овие две здравствени установи во делот на објектите каде што моментално се наоѓа и функционира нашата специјална болница. Проектот е веќе готов, обебедени се средства за реконструкција и адаптација на просториите и доколку се тече според најавите од ресорното министерство, градежните активности ќе треба да започнат во текот на 2015 година и истите ќе се одвиваат по фази, за да не се попречува моменталното функционирање на медицинските служби, појаснуваат д-р Тилев.

Тој нагласува дека со спојување на овие две здравствени установи, Охрид ќе добие Регионaлен здравствен центар, кој по својата стручност и можности нема да заостанува зад европските здравствени центри.

Според планираното, овој здравствен центар ќе функцинира на површина од околу 20.000 метри квадратни, но ќе има голема рационализација на трошоците, бидејќи ќе има заедничка трансфузијата, чуварска служба, кујна, трпезарија, пералната, техничка служба и физикалната терапија. Според планираното, центарот ќе има пет операциони сали од кои две ќе му служат на заводот за кардиологија, а две ќе се користат за ортопедски и други оперативни зафати.

По предлог на Министерството за здравство, со оформувањето на Здравствениот центар ќе биде отворен и посебен оддел за лекување на колено кој ќе биде единствен на Балканот и ќе биде опремен со најсовремена опрема.

Е.М