Охрид исполнет со туристи за продолжениот првомајски викенд. Голема раздвиженост денес низ охридската чаршија и кејот, а не помалку можеше да се забележи и исполнетоста на терасите од кафулињата со гости долж охридското крајбрежје.
Покрај посетата на културно историските знаменитости на градот, гостите уживаат и во бродските тури низ Охридско Езеро. Според најавите од хотелиерите вообичаено најбројни се гостите од соседството, како и домашните посетители. Периодов актуелни се и кружните тури пред се, со туристи од Турција, а има и локални групи од Грција.
Охрид исполнет со туристи за продолжениот првомајски викенд
Хотелските капацитети се со 70 до 80 проценти исполнетост, а хотелиерите велат земјава останува поевтина дестинација во споредба со туристичките центри во регионот.
Од мај започнуваат веќе огранизираните туристички патувања со чартер летовите. Холанѓаните и годинава остануваат најбројни на ривиерата со редовни чартер летови на ТУЈ Холандија.
Новина се чартерите на ТУЈ Англија од каде има голем интерес и се очекува поголема исполнетост со англичани, додека бројот на гости од Србија се очекува да го зголеми и авио-линијата Белград – Охрид.
И ако велигденските и првомајските празници се показател за тоа каква ќе биде претстојната сезона, се чини дека следува солидна туристичка сезона.
Н.С.Ј.