Иницијативата за изградба на луксузен туристички комплекс со хотел – казино на вода кај Љубаништа, од страна на индискиот милијардер Субрата Рој, внимателно се следи во соседна Албанија, која во септември очекува позитивен одговор од УНЕСКО за прогласување и на нејзиниот дел од Охридското Езеро за светско природно наследство.


Тамошните експерти велат дека за проектот биле информирани само од медиумите, но очекуваат македонските власти да ги почитуваат позитивните закони и меѓународните конвенции за заштита на животната средина.

-Доколку ги почитуваме основните закони што ги имаат Македонија и Албанија и меѓународните конвенции, треба да го заштитиме езерото, ако не ги почитуваме овие закони, мислам дека ќе има негативно влијание за иднината на Охридското Езеро. Овој проект, како што слушам од медиумите предвидува изградба на луксузен хотел во близина на нашата граница. Меѓутоа ќе видиме што од тоа ќе биде, а потоа  ќе реагираме како држава и како Билатеален секретаријат за заштита на Охридското Езеро.-изјави Аријан Мероли – албански претставник во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.


Аријан Мероли–албански претставник во Билатералниот секретаријат за заштита на Ох. Езеро

Најавата за изградба на голем ресорт во заштитената зона на Националниот парк Галичица, доаѓа речиси истовремено со интензивирање на напорите за прогласување на регионот Преспа – Охрид за трансграничен резерват под закрила на УНЕСКО, кој ќе се протега на територијата на Македонија, Албанија и Грција.

-Сите инвестиции мора да го имаат предвид аспектот на одржлив развој. Ако ставите големи згради во езерото, тоа може да ја наруши функцијата на еко системот, но и деловите кои го сочинуваат еко системот, како што се чистата вода, рибниот фонд и природните плодишта. Ако тоа негативно се одразува на сето ова, тогаш се разбира овој проект не може да се оцени како одржлив.-вели Волфганг Фрејмут-консултатнт во проектот за прогласување на регинот Охрид – Преспа за биосферен резерват.


Волфганг Фрејмут
консултатнт во проектот за прогласување на регинот Охрид – Преспа за биосферен резерват

Билогот Џорџо Андријан, поранешен експерт на УНЕСКО, е дециден дека евентуалната реализација на амбициозниот проект на Субрата Рој може да го загрози статусот на Охрид и Охридското Езеро како заштитено светско наследство.

-Ако сакате да имате признание како светско богатство, што е универзална вредност, тогаш мора да го одржите ова ниво, доколку сакате поинаков развој, тогаш мора да се откажете од таа вредност. Многу е едноставно. Не можете да ги имате двете работи. Прашање е на одлука. Не критикувам, само укажувам на разликите. Секоја земја , секое место има легитимно право да одлучи каков развој сака да има. Ако сакате да го сочувате медалот на УНЕСКО тогаш мора да направите избор и да продолжите во тој правец, во спротивно ќе бидете замолени да го вратите тој медал.-истакна Џорџо Андријан, билог и поранешен консултант на УНЕСКО.


Џорџо Андријан – билог и поранешен консултант на УНЕСКО

Проектот за изградба на туристички комплекс во Љубаништа, кој го промовираше владата, не беше спомнуван во изборната кампања на новоизбраниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески, кој се уште јавно се нема изјаснето за ваквата иницијатива. Од друга страна таа наиде на големи критики кај неговите политилчки ривали. Тие предупредуваат дека со реализација на најавената инвестиција  преку изградба на развојна туристичка зона со која ќе управува државата, ќе бидат суспендирани ингеренциите на локалната самоуправа, која до сега не беше вклучена во проектот.

Горан Момироски