Ракометниот клуб Охрид мечевите во Супер лигата ќе ги продолжи во плејаутот, откако извиси во трката за плејоф завршувајќи на петтата позиција на табелата во регуларниот дел од македонскиот ракометен шампионат.

Секоја надеж и комбинација за учество на „гладијаторите“ во плејофот падна во вода после поразот од Пелистер во Битола 35-30 (18-19). Охридските ракометари повеќе од 40 минути имаа се` под контрола, но битолчани со добар финиш успеаја да го скршат составот на Охрид и да го заверат пласманот во плејофот. Во плејофот пласман покрај битолски Пелистер обезбедија Еурофарм Работник, Бутел Скопје и Пролет, а таму директно учество имаат Вардар и Металург. Во плејаутот неизвесни и најатрактивни ќе бидат дерби пресметките со Струга, додека другите ривали (Борец, Прилеп, Радовиш и Вардар Јуниор) не се на нивото од охридскиот состав.

Охриѓани минатите три сезони беа дел од елитното ракометно друштво и во СРЦ „Билјанини Извори“ секој меч беше празник на ракометот. Најголем успех во плејофот, охридскиот клуб направи сезоната 2016/17 завршувајќи на третата позиција веднаш зад скопските екипи Вардар и Металург. Охрид обезбеди пласман во Купот на ЕХФ следната сезона и успеа да го помине Краш Волендам во двомечот кој се одигра во СРЦ „Билјанини Извори“.

Без разлика на учеството во плејаутот, составот на Охрид сезонава ја исполни целта со тоа што финансиски се стабилизираше и клубот почна да плови во мирни води. Mладинците сериозно тропаат на сениорската врата и ќе биде чудо ако не ги видиме во почетната постава следната натпреварувачка сезона.

OhridNews

Фото: Гол.мк