Покрај античките градови Хераклеа и Стоби, со вредни мозаици изобилува и Охрид. До сега во градот за кој науката тврди дека седум милениуми има континуиран живот, пронајдени се 21 мозаик од разни периоди.

Конзерваторот Никола Упевче, вели дека под земја се уште голем број мозаици, кои треба да се откријат и да се презентираат на јавноста. Според него оваа атрактивна уметност недоволно се користи за презентација на културните вредности, кои можат да бидат туристичка атракција која ќе привлекува гости.

-Треба да се работи уште многу, затоа што мозаиците претставуваат еден вид атракција. Пред се Охрид е познат туристички бренд и сметам дека со овие работи би можеле да придонесеме уште поквалитетно да се презентира и претстави.-изјави Упевче.

Според Упевче предвидената изградба на музеј на Плаошник каде се наоѓаат неколку ранохристијански базилики, ќе придонесе за подобра презентација на вредното културно наследство со кое изобилува Охрид. Сепак и тој, како и неговите колеги од регионот кои деновиве во Охрид учествуваа на вториот состанок посветен на презентацијата на мозаиците во Југоисточна Европа, предупредуваат на внимателност при презентацијата на мозаичното богатство кое, како како што рекоа, пред се треба добро да се заштити и зачува за идните генерации. 

На состанокот експерти од 11 држави од регионот, Италија, Франција и САД разговараа за најновите методи на заштита на мозаичното културно наследство. 

Г.М.