Охрид бесплатно ќе биде презентиран на големиот саем кој ќе се одржи од 9 до 12 јуни годинава во градот Нингбо во Кина. Ова се должи на официјалната покана која ја доби градоначалникот Никола Бакрачески од високата кинеска делегација предводена од Динт Хаи Бин, која денеска ја посети општина Охрид.

Саемот е наменет за земјите од Југоисточна Европа и е резултат на договореното на Самитот на Кина со претставници на земјите од овој дел на Европа, што се одржа на крајот на минатата година во Белград, Република Србија.

-Со гостите од Нингбо разменивме мислења за воспоставување поконкретна соработка во областа на туризмот, особено медицинскиот,економскиот развој и културата, бидејќи двата града  имаат огромно културно богатство. Во таа смисла договорена е соработка со фестивалот „ Охридско лето“ и наша делегација со претставници од повеќе институции да престојуваат во Кина и за да се  конкретизираат наредните активности,рече градоначалникот Бакрачески.

Заменик градоначалникот на градот Нингбо,  кој заедно со околината, важи за едно од економски најбрзо растечките региони во Кина, рече дека имаат огромни искуства за брз развој кои сакаат да ги споделат, особено со Охрид.

 

-Импресиониран сум од природните и културните  убавини на Охрид   и искрено се надевам дека имаме многу заеднички нешта кои ќе бидат основа за идната соработка. На почетокот може да се размислува за инвестиции, обуки, размена на студенти и професори и културни програми, рече заменик градоначалникот Динт Хаи Бин.

На средбата , градоначалникот  Бакрачески ги презентира  позитивните искуства во соработката со збратимениот град Далијан од Кина и истакна дека слично ќе биде и во соработката  со Нингбо.    

OhridNews