Од страна на неколку охридски бизнисмени покрената е  иницијатива за изградба на нова индустриска зона на влезот од Охрид, кај локалитетот Мауцкер.

Иницијативата била доставена до Владата и Економскиот совет, но и до локалната самоуправа која е задолжена за изработка на урбанистичкото решение. Станува збор за државно земјиште, кое е во сопственост на министерството за одбрана.


Како што ме информираа бизнисмените, владата и министерството начелно имаат дадено согласност за реализација на оваа идеја, која ја поддржува и локалната самоуправа. Штом владата и надлежното министерство и официјално дадат зелено светло, ќе бидат направени сите потребни подготовки од локалната самоуправа за изградба на индустриската зона која би се поврзала со селото Орман и Лакочереј. Планот за Чекоштина е во фаза на изработка и сметам дека многу подобро е на влезот на градот да има населба и индустриска зона, отколку воено стрелиште или краварник, вели градоначалникот Александар Петрески. 

Тој потенцира дека самата постапка за реализација на идејата ќе тече многу побрзо со оглед на тоа дека е поддржана од страна на надлежните министерства, владата и локалната самоуправа.

Како што најавува градоначалникот, идејата на локалната самоуправа е конечно да се уреди и овој дел од градот, кој влијае при создавањето на првиот впечаток на туристите кои пристигнуваат во Охрид. Предвидено е на овој простор, подоцна, да биде изграден и Аква Парк.

Т.К.