Во периодот кој претстои ќе продолжат активностите на надлежните служби за замена на дрворедите на охридските улици. Иако оваа акција која пред неколку години се спроведе и наиде на жесток отпор од граѓаните, сепак голем дел охриѓани гледаат позитивно на 80-те садници „Ligustrum japonicium“ кои тогаш беа засадени на улицата „Димитар Влахов“.

Од локалната самоуправа велат дека според овогодинешната програма, планирано е менување на старите дрва со нови на улиците „Македонски просветители“, „Партизанска“ и „Јане Сандански“.

За реализирање на овие зафати, деновиве се прави динамика за заменување на дрворедите, која ќе зависи од временските прилики и синхронизирањето со другите зафати на споменатите улици.“  – информираат од локалната самоуправа.

Крошните на „Лигиструмот“ воочливи и во зимскиот период

Дел од охриѓани сметаат дека липите од поодамна ја имаат надминато физиолошката старост, а крошните на овие широколисни и зимзелени дрва, ќе бидат повеќе воочливи во годините кои престојат.

Многумина негодуваа, со право беа песимисти, но може да се забележи дека овие „зимзелени“ дрвца имаат крошни и во текот на зимата. Јас не гледам ништо негативно зошто не би се замениле старите липи од охридските улици. Во секој случај, ја подржувам оваа иницијатива на службите.“ – сметаат дел од охриѓани.

Зголемување на безбедноста

Охриѓани сметаат дека отстранувањето на децении старите липи ќе ја зголеми безбедноста на пешаците, кои секојдневно поминуваат по фрекфентните улици низ централното градско подрачје.

Дрвата се стари и трули и според мене потребна е нивна замена. Требаат нови, кои нема да ги оштетуваат тротоарите и велосипедските патеки. Тие претставуваат потенцијална опасност не само за нас минувачите, туку и за сообраќајот и околните објекти.“ – велат граѓаните кои ја поддржуваат акцијата за замена на дрворедите.

Пред неколку години се оддржа јавна расправа за замената на дрворедите

За реконструкцијата на дрворедите, во март 2011 година се дискутираше на јавна расправа на која експерти, екологисти, претставници на политичките партии и заинтересирани граѓани, изградија консензус околу потребата од уредување на зелениот појас во центарот на градот.

Дел од граѓаните со низа дописи до охридските медиуми реагираа на намалувањето на зелените површини во градот кои постепено исчезнуваат. Реакции имаше и од политичите партии во тогашниот Совет на општина Охрид.

Експертите во минатото, зошто „Ligustrum japonicium“?

Како што објаснуваат стручните лица, видот е избран од причина што не формира голема лисна маса, спаѓа во широколисни, но зимзелени видови, со што ја задржува функцијата на бели дробови на градот.

Воедно ќе се избегнат досегашните проблеми кои ги предизвикуваа постоечките дрва – подигање на тротоарите, оштетување на подземните инсталации заради големината на кореновата маса , а исто така ќе се избегне и честото кроење на крошните што придонесува за намалување на животниот век на дрвата.“ – објаснуваат стручните лица.

„Спас за дрвјата во центарот на Охрид“

Пред неколку години, поради сечата на липите од улицата „Димитар Влахов“, по социјалните мрежи се водеше жестока дебата, а локалното Супер радио  ја отпочна акцијата „Спас за дрвјата во центарот на Охрид.

Во 2013 никнаа нови дрвореди во периферијата

Изминатата година, Ј.П.„Охридски Комуналец“ продолжи со акциите за оплеменување на околината и подигнување на нови дрвореди на територијата на општина Охрид, со посебен акцент на периферните делови од градот. Како дел од таа акција беа засадени 30 садници од видот „јасен“ на ул.„Кленоец“ и „Карпош Војвода“, односно дополнителни 30 во населбите „Охридати“, „Даљан“.

О.Т.