Охрид во идниот период ќе добие градска библиотека од отворен вид, како дел од проектот на Министерството за култура кој треба да се реализира оваа година. Локацијата на новите простории кои треба да бидат ставени во функција, се наоѓаат на улицата „Партизански одреди“ број 4, во централното градско подрачје.

Како што информира директорката на НУ Градска библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, Александра Белевска, сегашните простории ќе бидат задржани, а новиот објект ќе се адаптира за потребите на оваа институција.

Со оглед на тоа што ќе го задржеме овој простор во кој што се наоѓаме во моментов, комплетно ќе ги задоволиме сите потреби за библиотекарско работeње. Во овој дел ќе останат канцелариите за администрацијата, a просторот за книжевниот фонд ќе биде реновиран и претворен во интернет читална за студенти.“ – вели Белевска.

Новата инфраструктура ќе биде составена од два спрата, во која ќе биде сместен комплетниот книжевен фонд.

На долниот спрат ќе се наоѓа детско одделение заедно со пулт за информации, читална за деца, санитарен јазол и скалишен простор. Во горниот дел ќе биде сместен ккнижниот фонд за возрасни читатели, со пулт за индормации, две канцелариски простории за потребите на библиотекарите и вработени лица. Исто така простор за санитарен јазол, односно читална наменета за возрасни. Ние за оваа цел, веќе оддамна имаме изработено ЦД во три 3Д анимација.“ – додава Белевска.

Таа истакна дека моменталниот просторен проблем со кој се соочува библиотеката, датира уште од поодамна.

Имаме едно решение, потпишано на 6-ти октомври 2005-та година од тогашниот претседател на владата на РМ Владо Бучкоски,  со кое е одлучено библиотеката од старата зграда, да се префрли токму на овој простор. Значи просторниот проблем датира од 2005-та година, односно од времето на тогашната Влада.“ – истакнува Белевска.

Инаку, новите простории за потребите на градската библиотека се доделени со претходно решение на Министерството за култура, донесено на 23-ти јуни минатата година.

О.Т.