Во Охрид наскоро ќе биде отворена брендирана винска продавница, во која ќе се продаваат само македонски вина. Ова е дел од програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со која ќе се кофинансира отворање на специјализирани вински продавници во 10 македонски градови.
Според најавите за оваа намена ќе бидат издвоени 10 милиони денари од Програмата за рурален развој. Ќе се кофинансира опремување на продавница во висина од 50 отсто од направените трошоци, но не повеќе од милион денари. Министерството ќе покрива и 50 отсто од надоместокот за закупнина, но не повеќе од 30.000 денари месечно, како и надоместоци за бруто-плата на најмногу две вработени лица. Воедно ќе биде проведена и обука за вработените кои ќе треба да знаат се за виното. Корисникот на средствата од оваа програма треба да склучи договори со најмалку 15 производители на вино од Македонија.
Јавниот оглас за кофинансирање на винските продавници ќе биде објавен наскоро. Освен во Охрид вакви вински продавници ќе бидат отворени и во Скопје, Берово, Кавадарци, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево, односно во градовите каде што има најголема фрекфенција на туристи. Според планираното вакви вински продавници во иднина ќе бидат отворени и на граничните премини и аеродромите во Република Македонија.
OhridNews