Дневен центар за деца со аутизам треба да биде отворен годинава во рамки на Основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид. Ова е предвидено во „Развојната програмата за социјална заштита за 2014 година“ која ја изготви охридската локална самоуправа. Со отворањето на овој центар се очекува да се обезбеди поквалитетна социјализација и образовен третман на овие деца во охридскиот регион, кои поради недостиг на соодветни услови за згрижување, се вклучуваат во редовните образовни паралелки.
-Дечињата со аутизам во моментов се вклучени во редовни паралелки. Со отворање на центарот се очекува истите да добијат многу подобри услови за згрижување и образование. Според предвиденото, нашето училиште ќе отстапи еден дел од училишниот простор, кој треба да биде пренаменет и адаптаран во текот на летниот период. Доколку се се одвива според планираното се очекува Дневниот центар да профукционира од наредната учебна година, информираат од ОУ „Григор Прличев“.
Оттаму објаснуваат дека за дечињата кои ќе се згрижат во овој центар ќе биде задолжен посебно обучен тим.
Стручните медицински лица од Охрид, кои добро ја познаваат дијагностиката на аутизмот, ја поздравуваат иницијативата за отворање на Центар за деца со аутизам.
-Со инклузија на вакви деца со посебни потреби од аутистичен спектар, во редовни училишни паралелки не се задоволени специфичните потребите на овие деца, бидејќи паралелките се обемни и секоја има по минимум 20 ученици. Со децата кои имаат аутизам треба да работат специјално обучени тимови, односно многу поброен персонал, кој би требало да биде составен од соодветни наставници, психолози и дефектолози, вели д-р Јулијана Василевска, Специјалист по психијатрија при Општата болница во Охрид.
Според неа ваквиот начин на работа со овие деца е неопходен бидејќи, на секое од нив му е потребен индивидуален пристап.
-Во последно време аутизмот се појавува како една дијагноза која е се повеќе распространета. Но тоа не е повеќе оној тип на аутизам што се среќава во стручната литература, како типичен пример на деца кои биле тотално изолирани, некомуникативни и избегнувале секакви интеракции. Сега имаме се повеќе аутистичен спектар на растројства, значи не се работи за едно исто растројство туку се работи за мешовито растројство со повеќе карактристики. Она што ги карактеризира сите овие деца е намалена желба за социјална интеракција и затоа за нив е потребен професионален индивидуален пристап за да можат да се социјализираат, појаснува д-р Василевска.
Инаку според стручните медицински написи, аутизамот е нарушување на невролошкиот развој, кое се одликува со намалена способност за социјализација и комуникација и со ограничено и повторливо однесување. Сите овие знаци најчесто се манифестираат пред три годишна возраст. Аутизмот делува на процесирањето информации во мозокот, со тоа што го менува начинот на којшто невроните и нивните синапси се поврзуваат и организираат. За да се постави дијагноза-аутизам, неопходно е да се спроведе детално тестирање и преглед на детето од страна на стручно обучени лекари и психијатри. Раното дијагностицирање и третман на аутизмот може да придонесе максимално да се искористат сите потенцијали на детето за полесно справување со симптомите.
Е.М