Во текот на наредната година ќе биде подготвена нова Стратегија за развој на туризмот на општина Охрид, со активни мерки за подобрување на конкурентноста и услугите во туристичко – угостителскиот сектор. Ова е предвидено во Нацрт Програмата за поттикнување на развојот на туризмот, која ја изготви Секторот за Туризам и Локален Економски Развој. Оваа програма е дел од Нацрт Фискалната стратегија на општината за 2016 година.
-Со овие активности се предвидени повеќе мерки чија што цел е подигнување на нивото во туристичкиот сектор и одредување на насоките на идниот развој на Охрид како главен туристички центар во регионот. Активностите ќе бидат реализирани во рамки на ИМЕ Програмата имплементирана од SwissContact и општина Охрид како главен координатор на активностите. Се очекува со реализацијата на овие активности да се подигне квалитетот на услугите во туристичко-угостителскиот сектор, пишува во нацртот.
Во него се појаснува дека во рамки на ИМЕ програмата предвидено е да се реализираат следните активности: Изработка на Стратегија за развој на туризмот на општина Охрид чија што крајна цел е искористување на ресурсите на охридскиот регион како туристичка дестинација по пат на меѓусебна соработка во процесот на развој на дестинацијата; Активна соработка и формирање на локално координативно тело за координација на активностите за изработка на дестинациски менаџмент на туристичката дестинација Охрид во партнерство помеѓу јавниот и приватниот сектор; Изработка на план за безбедност на туристичката дестинација; Периодични истражувања и анализи за квалитетот на туристичката дестинација; Анализа на приоритетните стратешки целни групи на туристи за Охрид како туристичка дестинација како и Техничка помош, екпертиза и трансфер на знаења.
Инаку општина Охрид и претставници на Програмата за зголемување на пазарната вработливост- ИМЕ, во текот на месец септември 2015 година потпишаа четири-годишен Меморандум за соработка во кој се содржани рамките на помошта од швајцарската влада за развој на туризмот во Охрид.
OhridNews