Спомен плоча со знакот на УНЕСКО годинава ќе биде поставена на видно место во градското подрачје на Охрид. Оваа активност е дел од ,,Програмата за меѓународна соработка за 2014 година”, која ја изготви Охридската локална самоуправа. Освен оваа иницијатива, во рамки на програмата е предвидено и поставување на табли со знакот на УНЕСКО, на влезот и излезот од градот.

Исто така во рамки на планираните активности од истоимената програма, Општина Охрид планира да го посети седиштето на УНЕСКО во Париз и да воспостави соработка со други градови кои се под заштита на оваа меѓународна организација.

-Охрид е член на УНЕСКО од 5-ти септември 1980 година. Основна цел на оваа светска организација е подобрување на состојбите во мирот и стабилноста, промовирајќи соработка меѓу нациите преку образованието, науката и културата. Покрај бенефициите, членството во УНЕСКО налага и определени обврски, кои Општина Охрид треба да ги исполни, пишува меѓудругото во „Програмата за меѓународна соработка“.

Инаку неодамна информиравме дека, во согласност со препораките на УНЕСКО, охридските општински служби започнаа постапка за промена на грбот на општината, кој ќе биде изготвен по сите хералдички прописи.

OhridNews