Чек од 100 илјади денари како поддршка за оствареното сезонава добија охриските ракометари од Локалната самоуправа. Охридскиот ракометен клуб годинава доживеа вистинска ренесанса, откако три години  го немаше на спортската мапа.


– Годинини наназад ракометот е спорт број еден во Охрид. Ние ги паметиме напреварите од градскиот полигон, кога “вриеше“ од публика. Овие мечеви овде во салата, на кои има преку илјада гледачи се само потврдаа на таа констатација – истакна градоначалникот на Охрид, Александар Петрески кој на полувремето од мечот со „Текстилец“ им го врачи чекот на охридските ракометари.


Градоначалникот Петрески ја истакна благодарноста до охридските советници кои се заложија за заживување на ракометниот клуб, како и до најголемите „виновници“ за тоа, ракометарите на „Охрид“.


– Им благодарам на советниците Станковски и Пецаков, на тренерот Андоновски, претседателот Поп-Стефанија и сите играчи кои се дел од овој клуб, кои максимално се вложија да се возобнови ракометот во Охрид. Ние имавме за цел оваа година да направиме тим, во што сметам дека и успеавме. Сигурен сум дека  за наредната година со уште поголема подршка на општина Охрид и со тимот што го направивме ќе го освоиме првото место и влез во Суперлигата – потенцираше Петрески.


Од клубот не им останаа должни на советниците и градоначалникот па така и тие на соодветен начин им се заблагодарија за поддршката која ја добија во текот на сезоната.


 – Ние сме задоволни со она што го направивме, клубот го формиравме на 3 септември и времето за адаптација и подготовки беше премногу кратко. Од 14 екипи стигнавме до третото место. Доколку ја победевме Струга ќе бевме во борба за втората позиција која води во баражот. Но, без разлика на се, имавме прекрасна сезона зад нас. Клубот го водиме ние играчите, кои застанвме зад идејата да се возобнови ракометот, а најголемата подршка ја имавме од општина Охрид. Нашата цел беше постигната, го заживеавме ракометот, формиравме ракометна школа која во моментов има околу 100 дечиња кои секако ќе бидат иднината на охридскиот ракомет – истакна Пецаков.


Градоначалникот Петрески ја искористи можноста и на гостите од Штип кои се нови суперлигаши да им честита посакувајќи им многу успех во натпреварувањето наредната сезона.


М.Постоловски