Општина Охрид ќе потпише договор за збратимување со рускиот град Подољск. Оваа одлука ја донесоа охридските советници на вчерашната седница на Советот.

-Со оваа одлука, градоначалникот Никола Бакрачески доби овластување да ја потпише спогодбата за збратимување со овој град. Тоа значи дека  во иднина Охрид ќе има свој пријателски град во Русија, со кој ќе може да соработува на сите полиња. За нас особено значајна е соработката во делот на туризмот, односно привлекување на што поголем број туристи од Русија на Охридската ривиера, информираат од Охридската локална самоуправа.  

Градот Подољск се наоѓа во Московската област и според последниот попис од 2010 година има популација од  187.956 жители.

Општина  Охрид  остварува  меѓународна  соработка  со  голем  број  градови  и организации  со   кои  има  заеднички  интерес  во  областа на економијата, туризмот, културата, образованието и спортот. Договор за збратимување има потпишано со градовите: Крагуевац, Србија; Винковци, Хрватска; Пиран,Словенија; Волонгог, Австралија; Виндзор, Канада; Будва Црна Гора; Поградец, Албанија; Јалова, Турција;  Трогир, Хрватска; Сафранболу, Турција; Општина Видовец, Хрватска и со Инџија, Србија.

Е.М