Охрид Лоте повторно “продава“ бодови на домашен терен, овој пат со три бода од Охрид си замина екипата на Руфеја откако триумфираше со 2-0. За “градежниците“ ова е трет натпревар на домашен терен без постигнат погодок и без освоен бод, што полека но сигурно го носи во понизок ранг односно во третата македонска фудбалска лига.


Гостите мечот го започнаа доста активно, и уште во првата минута ја погодија целта по несигурната интервенција на Бафто, но стрелецот на голот Неби беше во офсајд и погодок не беше признат.

Тоа беше само наговестување за тоа што следуваше подоцна, Мусаи додава во празно за Хасан, откако ги претрчеа Трпески и Попоски, на напаѓачот му остана полесниот дел и со одмерен удар пласираше во десниот долен агол на Бафто.

После примениот погодок, на “градежниците“ им требаше време да влезат во колосек. Првиот притисок охриѓани го направија на средината од првиот дел, серијата прилики ја отвори Речкоски но Хамити со крајни напори исфрли во корнер.


Најзрелата шанса за охриѓани ја промаши, Бакулески кој биеше над голот по додавањето на Јакупи. До крајот на првиот дел главно играта се одвиваше на средината на теренот.

Во вторите 45 минути Охрид Лоте уште еднаш притисна но без посериозна прилика за погодок, а дождот кој се посилно врнеше на стадионот Атина Бојаџи придонесе постајани грешки на обете екипи.

Таквата игра им одговараше на гостите кои со девет фудбалери се бранеа, а на домашните играчи им остана од прекини да го загрозат голот на Хамити. Во финишот на мечот, со серии  измени охриѓани фрлија на една карта, нападот. Рискатната игра го чинеше Охрид Лоте, уште еден гол во мрежата, втор на мечот. “Везистот“ Сулиман искористи едно невнимание ја освои топката, потоа се прошета крај охридската одбрана и ја погоди празната мрежа за конечна победа и голема радост за гостинската екипа.


Во наредната рунда 22-та рунда Охрид Лоте гостува кај фенерџијата Беласица, додека Руфеја на домашен терен го пречекуваат Еуромилк.

Мх.П.