“Градежниците” по две кола пост, се вратија на победничките патеки совладувајќи ја младата екипа на Цементарница со 3-2. Охриѓани први дојдоа во предност, откако ја искористија почетната иницијатива. По ударот на Речкоски , Ѓорѓиески лошо интервенираше, а на одбиената топка натрча Волчески кој со лизгачки старт ја смести во мрежата.

 
Волчески го отвара резултатот

Раното водство не ги поколеба гостите кои ослободени од притисокот заиграа како по ноти. Десетина минути подоцна капитенот Иваноски упати долга топка која ја прелета комплетната одбрана, Ристовски влезе во казнетиот простор и го матираше Бафто. Голот им даде крила на гостите кои го искористија моментот на слабост на домашните. Наумчески во соло продор се ослободи од неколку фудбалери , нафрли а топката со глава ја “закова” Мановски.


По серијата измени во вториот дел , охриѓани притиснаа а шансите се редеа пред голот на расположниот Ѓорѓиески. Толески ја погоди гредата, Мурџоски биеше над голот, додека ударот на Преслиски го скроти голаманот на “цементарците”.

Изедначувањето стигна во 73 минута, кога поранешниот фудбалер на Цементарница, Толески искористи додавање на Мурџоски и го навести пресвртот.  Домашните притиснаа со сите сили, по прекршокот над Стојкоски од слободен удар биеше Толески, кратко интервенираше Ѓорѓиески, а во мешаницата најснаодлив беше Стисниоски кој погоди за за радост на трибините.


Цементарците кои прв пат во првенството на еден натпревар успеаа да постигнат два погодоци остануваат на два бода по првите пет кола.

М.П.