5491 кандидат се пријавил на последниот конкурс за прием на полициски службеници, што значи повеќе од 13 кандидати за секое предвидено место, информира денес министеркат аза внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
На огласот биле пријавени и вкупно 820 жени, од кои најголем дел се Македонки, што укажува на значително помал интерес за вработување во полиција кај припадничките на другите етнички групи.
Најголем интерес имало во Скопје каде конкурирале 1484 кандидати или 27% од вкупниот број на кандидати. Потоа следи Секторот за внатрешни работи Битола со 870 кандидати, па СВР Куманово со 701, па потоа е Тетово со 641, Штип со 580, а по нив Охрид, Струмица и Велес.
Комисијата која што ќе ја реализира селекција веќе е формирана и наскоро кандидатите ќе бидат информирани за агендата на полагањето на физичките, општообразовните и психолошките тестови. Најпрвин ќе следи проверка на моторички способности. Како и при претходниот прием на полициски службеници, предуслов за натамошно продолжување со селекцијата ќе биде минимумот од 60 стомачни склекови, 55 градни склекови, трчање на 3200 метри за 13,30 минути и 10 згибови на вратило за мажи, додека минимумот за женските кандидати ќе изнесува 60 стомачни склекови, 27 градни склекови и 3200 метри за 16,30 минути, како и други физички проверки, кои би биле определени од страна на Комисијата. По завршување на физичкиот дел, ќе следува писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и психолошки тест, по што ќе се спроведува поединечно интервјуирање, односно разговор со секој кандидат за полицаец, кој ги поминал претходните фази. Последна фаза во селекцијата ќе бидат здравствените прегледи, односно проверката на здравствените и психофизичките способности на кандидатите. Истите во постапката за селекција ќе се утврдуваат од страна на Здравствена комисија која што ќе биде формирана за таа намена.
Најдобрите 440 кандидати кои ќе ги поминат сите фази од селекцијата ќе ја отпочнат едногодишната обука, по која со најдобрите 400 ќе бидат склучени договори за вработување.
OhridNews