Согласно  одредбите од Законот за јавна чистота, Министерството за внатрешни работи заклучно со 13 август има издадено над 50.000 платни налози за прекршителите на законот. Од страна на граѓаните, пак, во посочениот период доставени се над 7.500 потврди за реализирана општокорисна работа.

Според статистичките показатели за овие континуирани активности на МВР, меѓу кои  најголем дел од издадените платни налози се на подрачјето на СВР Скопје – 22.858, а потоа следат СВР Штип – со 4.772, издадени платни налози; СВР Велес – 4.679; СВР Тетово – 4.462; СВР Охрид – 4.015; СВР Струмица – 3.722; СВР Куманово – 2.162; СВР Битола – 2.097.


Од вкупниот број на прекршители на одредбите од Законот за јавна чистота, односно околу 90 отсто, се на возраст од над 18 години, додека прекршоците во најголем дел се извршени на јавна површина.  Во текот на овој период прекршочни санкции се изречени и против 267 правни лица, најчесто за фрлање и оставење на отпадоци од градежен материјал, превоз на песок и слични материјали без претходна подготовка и нивна заштита, мешање на бетон и малтер надвор од места определени од општината.

Врз основа на направените согледувања, најголем дел од откриените прекршоци се однесуваат на  фрлање и оставање на отпадоци од градежен материјал (градежен шут), фрлање и оставање на хартија, опушоци, мастики, амбалажи, земја, отпадоци од растенија, песок и други отпадоци освен на местата определени за таа намена, продажба и излагање на земјоделски и индустриски производи, како и фрлање и оставање на смет на отворени простори на јавни објекти надвор од места определени за ваква намена.

По Законот за јавна чистота се поднесени 33.418 барања за поведување на прекршочна постапка, од кои најголем број на подрачјето на општините Скопје, Тетово, Штип, Охрид – 2376, Струмица, Куманово, Велес и Битола.

Ohridnews