Во само неколку месеци од неговото отворање Охрид Мол не само што се позиционира како водечки трговски центар во градот, туку и како новото собиралиште, новиот градски плоштад под покрив и клматизирано место што сè повеќе е посетено од страна на граѓаните на Охрид и околината.
Со повеќе од 15 настани месечно, и над 155.000 посетители, Охрид Мол станува централна точка на локалниот урбан живот. Тоа е простор што постојано живее, создава и се менува, а неговите посетители се дел од таа приказна. Секоја недела носи ново случување: детски претстави, работилници, изложби, концерти, разни манифестации и хуманитарни акции. Охрид Мол станува место каде што заедницата буквално „дише“ – се движи, се дружи, се развива.
Ноември во трговскиот центар помина во динамична атмосфера – месец исполнет со вкус, љубов и детска насмевка. Посетителите имаа можност да присуствуваат на низа тематски настани што го збогатија градскиот живот и го исполнија просторот со позитивна енергија. Големо внимание овој месец беше посветено на најмалите, кои преку низа детски претстави, работилници и тематски дружења ја почувствуваа вистинската магија на сезоната. Програмата беше внимателно осмислена за да обедини преку интерактивност, музика и едукација, па затоа Охрид Мол секој викенд беше исполнет со детска смеа, семејни дружења и нови заеднички спомени. Обележје на месецот беше тридневниот саем на мед, настан што привлече производители од цела Македонија. Посетителите имаа можност да дегустираат најразлични видови мед и природни производи, додека изложувачите ги претставија своите уникатни рецепти и традиции. Саемот беше збогатен со едукативни активности за децата, а целата атмосфера беше дополнета со музички настапи кои настанот го направија уште поубаво доживување. Најголема радост кај сите возрасти предизвика украсувањето на новогодишната елка, палењето на светилките и пречекот на џиновскиот Дедо Мраз кој веднаш стана омилен фото-агол. Празничниот дух целосно го освежи просторот и внесе магија што ги привлече посетителите од цел град.
Последниот ноемвриски викенд во Охрид Мол помина во знакот на виното – три дена исполнети со добро вино, музика и празнична атмосфера. Винариите од регионот, но и од други делови на Македонија, се претставија со богат избор на вкусови – идеален вовед во претстојниот празничен период. Дополнително, викендот беше збогатен со Black Friday попусти во продавниците во трговскиот центар, нудејќи им на посетителите одлична можност за празнично шопинг уживање. Во неделата, викендот кулминираше со големото извлекување на „Peugeot 208“ – главната награда од наградната игра на Охрид Мол и предавање на клучевите од возилото на среќниот добитник и неговото семејство. Неделата беше обележана и со еден искрен и хуман гест – поддршка за оние на кои им е најпотребна. Овој мал гест е дел од стремежот на Охрид Мол да остане активен учесник во заедницата и да придонесува таму каде што навистина е потребно.
Декември, пак, најавува вистинска празнична еуфорија. Програмата носи културни вечери, хуманитарни иницијативи, саеми и тематски настапи, секој со цел да понуди уникатно доживување. Саемот на рачни изработки ќе им даде простор на локалните уметници, додека гастрономската манифестација „Вкусот на Охрид“ ќе ја прослави локалната традиција. Љубителите на стратегија ќе имаат можност да се докажат на турнирот во шах, a за оние што не можат да си го замислат денот без своите миленичиња, предвиден е специјален ден посветен токму на нив – настан на кој домашните миленици ќе добијат сопствен подиум, внимание и простор за игра. Во пресрет на празниците ќе се одржи „Детска новогодишна бајка“, која ќе ја трансформира атмосферата во вистинска зимска сцена исполнета со светилки, музика и детска радост. На крајот на месецот, „Новогодишниот базар“ ќе ја вклучи целата празнична магија на едно место – идеален за купување подароци, уживање во празнични вкусови и дружење со најблиските.
Со овој календар на активности и случувања, Охрид мол не само што ја збогатува понудата на градот, туку и создава нови навики, нови средби и нови моменти за паметење. Со секој нареден месец, станува сè појасно дека Охрид Мол е повеќе од трговски центар – ново урбано јадро на градот каде што се создаваат традиции и се гради новата охридска современа приказна.
OhridNews/PR
























