„Охрид не молчит, нема да ви ќутиме, ниту една повеќе, нема да не снема, бараме правда за Сара и за сите“, порачаа охриѓани на денешниот мирен граѓански протест кој почна од градскиот плоштад, а продолжи пред СВР Охрид и Јавното обвинителство. Протестот беше инициран по немилиот настан кој се случи на 15 ноември во кој со тешки телесни повреди се здоби 26-годишната охриѓанка Сара по физичкиот напад од страна на нејзиниот 31-годишен дечко.

Протестот започна со едноминутен молк за жртвите на фемицид во државава Емилија, Рамајана, Танкица, Росица, Сузана, Ајнед, Ивана и Катја, Билјана, по што од организаторите „Охрид не молчит“ беше посочено дека грозоморниот случај на насилство што се случи во Охрид нè потсети дека насилството не се случува далеку од нас, туку тука, можеби и меѓу луѓето што ги познаваме.

Насилството не е приватна работа. Не е само проблем на една личност. Не е само проблем на едно семејство. Тоа е наш заеднички проблем. А молкот не нè штити. Молкот го штити насилството. Ама Охрид повеќе не молчи! ​Осум случаи на фемицид во една година. ​Колку уште жени треба да загубат животи? Колку уште пријави треба да бидат игнорирани? Колку пати треба да прашуваме зошто никој не реагирал навреме? Не сакаме да учиме нови имиња! Не сакаме да губиме повеќе животи! Доста е! Ниту една повеќе! Ве повикувам сите да ги искажеме својата загриженост, својот гнев и да ја изразиме нашата солидарност, и да бидеме гласни, да покажеме дека Охрид не молчи!.

Бројни граѓани изразија силна поддршка против насилството врз жените, поддршка за Сара и повикаа инситуциите да преземат мерки за граѓаните да се чувствуваат безбедно и да запре насилството.

  • Како охриѓанец татко на малолетно дете загрижен од настаниве во последно време дојдов да изразам поддршка за сите млади девојки, жени. Совесно е секој да го направи истото без никакви политички мотиви. Мора да му се стави крај на ова дивеење. Од револт, грижа, не се чувствувам сигурно за мојата ќерка, за мојата жена, не сакам да се случи на никој друг и тука сум да ги поддржам сите родители коишто имаат свои деца и не сакаат да дојде до ваква ситуација.
  • Дојдов денес бидејќи сметам дека треба да се даде поддршка на овој протест пред се бидејќи сум јас жена, а имам и многу пријателки, мајка, сестри, баби, и стварно треба да се направат некои промени. Што е можно промените треба да се направат побрзо, бидејќи секоја минута е важна, секоја минута губиме по некој живот.
  • Тука сме да го поддржиме протестот, ние сме млади сакаме да живееме во мирна средина.
  • Како жител на оваа држава, би препорачал малку сите кои се на власт да се замислат и да преземат мерки, има институции кои знаат какви мерки треба да преземат и да си ја работат работата како што треба, да биде заштитен народот. Претпоставувам дека народот не се чувствува безбедно.
  • Ова е кренат глас да запре насилството во секоја можна форма и најсилен апел до сите вработени во сите органи и институции и служби на државата да си ја вршат работата за која ние ги плаќаме, да не заштитат, во случај на жртвите на насилство да им помогнат, да ги поддржат, да ги насочат, да ги упатат за да можат да се снајдат како да се однесуваат во  таа ситуација, што е сигурно шокантна, и едноставно да се процесуираат делата за да може и жртвите да бидат заштитени и малку смирени, но и како една мерка да се намалат насилствата кои се како епидемија во Македонија.

Протестот продолжи пред СВР Охрид, каде таткото на Сара пред присутните покажа фотографии на кои се гледаше како изгледала таа по насилство врз неа.

Воедно, беше упатена порака за навремено постапување, сериозно третирање на пријавите на насилство од страна сите жени, потенцирајќи дека секоја пријава за семејно насилство мора да биде сфатена сериозно, секој повик за помош мора да биде слушнат, секоја закана мора да биде проверена.

Секоја пријава мора да биде навремено и соодветно процесуирана, затоа што зад секој пријава стои човек. Жена која можеби со денови, месеци или години собирала храброст да побара помош. Жена која можеби токму во моментот кога пријавува насилство се надева дека некој конечно ќе ја заштити. Не смее да биде игнорирана, не смее да биде оставена сама да се справува со насилството. И сакаме да бидеме јасни. Ова не е обвинување кон секој полициски службеник. Знаеме дека има полициски службеници кои совесно, одговорно и посветено ја вршат својата работа. Но, институционалната одговорност не може да се замени со посветеноста на поединците. Не може заштитата на жените да зависи од тоа на кого ќе наидат кога ќе го пријават насилството.

Заштитата, беше потенцирано на протестот, не смее да зависи од среќа и потребен ни е систем во кој институциите ќе соработуваат, разменуваат информации, проценуваат ризици и реагираат навреме.

А за тоа ни се потребни функционални закони и јасни механизми за постапување. Затоа од Собранитео бараме итно усвојување на пакетот измени на осум закони за превенција и заштита на насилство врз жените и семејното насилство кои ќе овозможат подобра координација меѓу полицијата, центрите за социјална работа и другите надлежни институции. Овие законски измени не смеат да останат заглавени во процедури бараме нивно итно усвојување, посочија од „Охрид не молчит“.

Од таму охриѓани се упатија пред обвинителството каде побараа темелна истрага, непристрасно судење и еднаквост пред законот.

Од институциите бараме да си ја вршат работата: одговорно, професионално, независно и непристрасно. ​Бараме секоја пријава за насилство да биде сериозно сфатена. ​Секоја релевантна околност да биде испитана. ​Секој доказ да биде земен предвид. ​Секој ризик по безбедноста на жените да биде препознаен и соодветно третиран. ​Бараме заштитата да не биде само ветување на хартија, правдата да не биде недостижна, а одговорноста да не зависи од тоа кој е сторителот. ​И пред сѐ, бараме навремено постапување, зашто задоцнетата реакција може да има неповратни последици. ​И да бидеме јасни: нема да дозволиме ниту еден случај на насилство врз жени или фемицид да стане само уште една вест што ќе ја заборавиме за неколку дена. Нема да дозволиме одговорноста да се изгуби меѓу институционалните процедури, надлежности и меѓусебни префрлања на одговорност. ​Ќе следиме што се случува, ќе прашуваме, ќе потсетуваме, ќе бараме одговори. Не молчиме, не забораваме, не се повлекуваме!, порачаа учесниците на протестот.

Инаку, немилиот настан во кој брутално беше претепана 26-годишна девојка во Охрид по што заврши во болница, се случи на 15-ти ноември. Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против напаѓачот за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста, а Основниот суд во Охрид му одреди мерка притвор во траење до 30 дена.

Судењето за случјот е закажано на 27 ноември.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска