Перо Кутаноски, менаџер на х. „Гранит“, укажува дека Охрид е неколкукратно поевтин од Грција и дека е некоректно во јавноста да се пласираат невистинити информации, кои, како што посочи, во време на интернет и глобална комуникација можат лесно да се проверат.
– Сместување во хотел со 4 ѕвезди прва линија во Грција е од 70 до 100 проценти поскапо од иста локација во Охрид. вели Кутаноски.
Тој посочи дека одредени домашни тур-оператори вршат закуп на капацитети на грчката ривиера во декември за претстојната сезона, но тоа никогаш не го направиле со Охрид.
– Им нудиме на сите тур-оператоти да склучат договири со нас во истиот период кога тоа го прават со другите дестинации и ние исто така ќе им дадеме прифатливи цени, но Охрид не стои во нивните понуди и тие не го ни продаваат, додаде Кутаноски.
Според туристичките работници, покрај сместувањето, во Охрид оваа сезона далеку поевтини се и цените во угостителските објекти.
– Очигледно е дека некој намерно сака да го наруши имиџот на Охрид, но тоа може да предизвика само краткорочна штета, затоа што Охрид е поатрактивна и поконкурентна дестинација од тие што ги нудат и се подобро се продава на светскиот пазар, изјави Олег Маленко од Т.А. „Вис-Пој“
Туристичките работници ги повикаа домашните гости да го посетат Охрид, кој како што рече Тоше Чочороски, менаџер на х. „Силекс“ никогаш не бил посреден, поорганизиран и поевтин.
-Ние ги сакаме домашните гости и ги почитуваме еднакво како и странските туристи, и навистина е штета доколку некој тур-оператор со одредена цел сака да им наштети на охридските колеги, рече Чочороски.
Зад охридските туристички работници застана градоначалникот Александар Петрески, кој ги повика македонските граѓани да го посетат Охрид и да уживаат во убавините и амбиентот каков што нема на ниту едно друго место во светот.
–Охрид со природните убавини и богатото културно историско наследство, но и со хотелите, сместувањето и услугите во угостителските објекти во ништо не заостанува зад познатите светски центри и тврдам дека нудиме квалитетен туристички производ и ги повикувам македонските граѓани да дојдат и да се уверат самите во тоа, рече Петрески.
Според најавите и склучените аранжмани, претстојната туристичка сезона ќе биде една од најуспешните на Охрид. Хотелските капацитети во шпицот на сезоната во јули и август се исполнети над 90%, а слични најави има и во приватното сместување.