Пет локации за изградба на Приватни детски градинки има предвидено Охридската локална самоуправа во Деталниот урбанистички план на општината. Според ,,Процедурите и мерките за поттикнување на изградба и отворање на приватни детски градинки’’ кои ги објави Министерството за труд и социјална политика, овие градежни парцели ќе се продаваат по 1 евро за метар квадаратен.

Според информациите кои ги добивме од надлежните служби при Општина Охрид, две од предлог градежните парцели се лоцирани во Централното градско подрачје, две парцели се наоѓаат во населбата ,,Радојца Новичиќ’’ и една парцела е лоцирана во населбата ,,Гоце Делчев’’ кај Болничкиот комплекс.

Од Секторот за заштита на деца при Министерството за труд и социјална политика кој е надлежен за овие мерки, велат дека до сега неколку правни и физички лица се интересирале за понудените локации во Охрид.

-Ние немаме ингеренција за давање на детали околу градежните парцели и условите за градба, па поради тоа должни сме да ги упатиме заинтересираните да се обратат до одговорните служби на општините, каде можат да се информираат околу процедурата за откуп на градежното земјиште и висината на комуналиите за градба, велат лицата за контакт од Секторот за заштита на деца.


Според законските норми Детска градинка во приватна сопственост може да се основа од страна на домашно и странско физичко или правно лице.

– Основачот на детската градинка во приватна сопственост, донесува акт за основање во форма и содржина согласно со член 109 од Законот за заштита на децата, а средствата за основање и работа на установата ги обезбедува основачот. Барањето за добивање на одобрение за основање на приватна установа за деца, се поднесува до Министерството за труд и социјална политика додека пак Одобрението за основање на приватна установа за деца, го дава Владата на Република Македонија, стои во писменaта документација која е објавена на Веб страницата на Министерството за труд и социјална политика.  

Заедно со оваа документација приложени се и детали за Поволните кредитни можности за финансирање на проекти за изградба и опремување на приватни  детски градинки односно 4-те поволни кредитни линии кои може да се користат за оваа намена.

Инаку во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст во Република Македонија веќе работат пет приватни детски градинки, од кои четири се наоѓаат во Скопје и една е во Гостивар.

Во моментов во Охрид дечињата од предучилишна возраст единствено се згрижуваат во рамки на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ која работи со исполнет капацитет. Во нејзините седум објекти во целодневен, полудневен и продолжен престој се згрижуваат над 870 деца.

Е.М