За претстојниот Велигденски викенд, охридските станоиздавачи нудат пониски цени за разлика од претходните години. Според она што може да се види на интернет огласите, цената за изнајмување на кревет во приватното сместување, се движи од 300 до 400 денари, додека пак комплетно уредените апартмани се издаваат од 1.000 до 3.000 денари по вечер. Повисока е цената на луксузните станови, кои имаат поглед на Охридското Езеро.

-Цената на апартманите и становите зависи пред се од тоа како се опремени, дали се блиску до центар и дали имаат паркинг или гаражен простор. Оваа година голем број на сопственици ги намалија цените, со цел да се привлечат повеќе гости. Мислам дека поголемо намалување има кај цените за издавање на кревет, вели охриѓанец кој има неколку станови и апартмани.

Според него и оваа година во приватното сместување најбројни ќе бидат гостите од Србија и од Скопје.

-Јас веќе имам резервации за гости од Србија во два апартмани. Се работи за млади, кои доаѓаат во друштво и ќе престојуваат до вторник. Исто така имам резервации на две семејства од главниот град, кои ќе бидат сместени до понеделник, вели нашиот соговорник, кој додава дека очекува добра посетеност од Србија и во текот на првомајските празници, кога исто така ќе има продолжен викенд.

Од Охридските туристички агенции информираат дека за време на Велигденскиот викенд во Охрид ќе престојуваат неколку органиизрани групи на туристи од Грција и Бугарија.

-Како и минатите години така и оваа година, Охрид како Балкански Ерусалим е интересно место за прослава на Велигденските празници. Дел од хотелските капацитети се резервирани со туристички групи, но очекуваме и бројни индивидуални посети, велат туристичките работници.

Тие потсетуваат  дека кон крајот на наредната недела ќе пристигне и првата група на туристи до Холандија, а во текот на месец мај се очекуваат неколку групи на странски туристи, кои се дел од Балканските туристички аранжмани.

Е.М