Охрид е во шок по големата трагедија што се случи синоќа неколку минути по полноќ во близина на авто кампот Елешец, каде во страотна сообраќајна несреќа животите ги загубија три лица, а уште две се повредени, од кои едно потешко.

На градските гробишта денеска ќе бидат погребани брачните другари Кирил (39) и Татјана (28) Дојчиноски и 21-годишниот Христијан Јованоски, сите од Охрид.

Истражните органи ги разгледуваат доказите од увидот на лице место, вештачењето на возилата, обдукциските  и другите наоди, со цел да се откријат причините за несреќата. До неа според првичните резултати од истрагата дошло кога џип „Исузу“ кој се обраќал во правец на Охрид навлегол на левата коловозна лента и директно се судрил со возило „Рено Канго“ кое се движело во спротивна насока кај местото тумба. 

-Дополнително при вештачењето на возилата ќе се знае колкава била брзината на двете возила, а се преземаат и други неопходни мерки за утврдување на околностите под кои се случила несреќата.-изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

Регионалниот патен правец Охрид – Св. Наум е мошне фрекфентен, а местото каде случи несреќата е една од неколкуте црни точки на овој пат. Од СВР Охрид велат дека полицијата континуирано презема превентивни мерки, но потребно е да се размислува за конкретни активности за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

-Обврска на сообраќајната полиција е безбедноста. Ние на тој патен правец многу често поставуваме полициски пунктови и вршиме контрола, но сметам дека ова прашање заслужува одговор, односно реакција од најповиканите за обезбедување на услови за безбедно одвивање на сообраќајот преку регулирање на брзината и поставување на соодветни знаци. Секако треба да се размислува и за можноста за одредени измени на тој пат.-рече Димовски.

Делницата кон граничниот премин Св. Наум е проектирана и изведена пред повеќе од половина век. Првата поголема интервенција е извршената дислокација на дел од патот над хотелот „Метропол“, како и растоварувањето на сообраќајот со изградба на двосмерен пат на потегот од Билјанини извори до Св. Стефан, кој поради пропусти особено во поставувањето на електричните столбови преблиску до коловозот и непочитувањето на пропишаната брзина од страна на возачите е исклучитено опасен.

Државата до сега во неколку наврати ја промовираше идејата за изградба на модерен автопат од Охрид до Св. Наум, а таа повторно беше актуелизирана неодамна по најавите за изградба на голем туристички комплекс во Св. Наум. Но дали и кога ќе започне реализацијата на овој исклучително значаен инфраструктурен зафат за Охрид и регионот е отворено прашање, особено поради цената на чинење која во голема мера зависи од конфигурацијата на теренот, која во случајов е исклучително сложена. Но, се додека не се преземат сериозни мерки за подобрување на инфраструктурата и не се подигне нивото на сообраќајна култура и свест на возачите, македонските патишта и натаму ќе бидат небезбедни, а вестите за трагично изгубени животи ќе ги полнат насловните страници на медиумите.

Горан Момироски

Три лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа кај Елешец

Моторциклист повреден во сообраќајка на „Туристичка“