Официјално УНЕСКО не расправал за симнување на Охрид од листата на УНЕСКО, велат експертите на организација за заштита на светското културно и природно наследство.

– Дрезден е  избришан од листата на УНЕСКО затоа што така одлучи германската влада која изгради мост во заштитено подрачје, посочуваат експертите на УНЕСКО, укажувајќи дека статусот на Охрид во УНЕСКО зависи исклучиво од односот на државата кон заштитеното културно и природно наследство.

-Согласно Конвенцијата на УНЕСКО заштитените подрајча и натаму се во рацете на државите во кои се наоѓаат и од нив се зависи. Одлуката дали некој ќе биде избришан од листата на УНЕСКО ја носи меѓународниот комитет кој е составен од претставници на државите кои имаат места прогласени за светско културно наследство, што значи дека се зависи од државите, а не од УНЕСКО чии експертски тела можат само да укажат на проблемите, вели Џорџо Артур од регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција.

Филип Пипар, исто така експерт на УНЕСКО, вели дека технички постои можност Охрид да биде избришан од листата на УНЕСКО, но само доколку за тоа навистина постои причина.

– Тоа ќе го каже Комисијата на УНЕСКО во јуни и јули следната година  кога ќе биде разгледуван планот за управување со културното и природното наследство во Охрид. После проверување може да се случи тоа ако се увиди дека владата не презема активности и конкретни мерки, но кај вас сега тоа не е случај, за разлика од Венеција која има сериозни проблеми со заштитата на светското наследство, рече Пипар.

Одредени медиуми во изминатиот период пласираа информации дека Охрид за малку куртулил од бришење од листата на УНЕСКО, што не беше потврдено од експертите на светската организација, кои во Охрид учествуваат на работилницата посветена на изготвување на Менаџмент планот за управување со културното и природното наследство во охридскиот регион.

Експертите сепак посочуваат дека Охрид се соочува со серизони проблеми кои го загрозуваат вредното светско наследство, како што се преголемата урбанизација, непланскиот туристички развој, загадувањето на Охридското Езеро и недоволната грижа за старата градска архитектура и сакралните објекти. Тие посочија вкупно 39 приоритети на кои во идниот период ќе треба да работат надлежните институции во земјата.

Г.М.