Екстремно ниските температури не дозволуваат топење на замрзнатиот снег кој им создава големи проблеми на охриѓани. Голем дел од градските улици, се уште се под снег и мраз, а остатоци од снег има и на најпрометната градска сообраќајница, булеварот „Туристичка“, што го отежнува одвивањето на сообраќајот.


Заледени се и тротоарите кои во голем дел се неисчистени, па пешаците се приморани да ги користат коловозите кои исто така се лизгави.


Паркираните возила на улиците не се отстранети поради што чистењето на снегот оди забавено. Екипи на јавното комунално претпријатие и денеска рачно го расчистуваа замрзатиот снег од тротоарите, а како по обичај мал е бројот на совесни граѓани кои ги исчитија приодите кон своите домови.


И овој снег на виделина ги исфрли старите проблеми и нефункционалноста на зимските служби кај кои се чувствува недостиг како на човечки ресурси и машинерија, така и на ефикасни средства за топење на снегот.

Според најавите и во наредните денови ќе имаме ниски утрински температури кои на места во петок ќе се спуштат и до -15 степени Целзиусови. Веќе викендов се очекува пораст на минималните и дневната температура која ќе достигне до +10 степени.

OhridNews