Претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Благоја Богоевски, потврди дека Европскиот клупски куп (ЕКК) во машка конкуренција останува да се одржи идната година во Македонија, како што беше предвидено и од порано.

ЕКК останува да се одржи во Македонија, во Охрид, во декември 2021 година. Во неодамнешниот телефонскиот разговор со претседателот на Европската шаховска унија и член на бордот на Светската шаховска федерација, Грузиецот Зураб Азмајпарашвили, тој се интересираше и по ова прашање. Секако, му одговорив позитивно – изјави Богоевски за „Нова Македонија“.

Македонија третпат ќе биде домаќин на вакво силно натпреварување, на кое настапуваат врвни велемајстори. Првиот пат се играше во Охрид пред 11 години, а вториот пат во Скопје, во 2015 година. И двете беа во машка и во женска конкуренција.

Македонија може да има две екипи како домаќин, а евентуално најмногу три. За некое големо шаховско име, гостин или некој да одигра симултанка засега уште е рано да се зборува, а и ситуацијава со вирусот е таква што никој не може да гарантира дека со сигурност ќе дојде. Но идното лето, секако, ќе се разговара и за ова прашање – вели Богоевски.

OhridNews
Извор: Нова Македонија