Фудбалерите на Пелистер го освоија целиот плен во Охрид, совладувајќи го домашниот состав со 1-5 (0-2) во четвртата рунда од Втората македонска фудбалска лига-Запад.

Охрид после поразот останува без победа и без освоен бод закован на дното од табелата, додека „пелистерци“ ја оправдаа фаворитската улога и го продолжија походот кон првата позиција и пласман во фудбалската елита.

„Зелено белите“, уште на стартот го притиснаа охридскиот тим кој речиси и да не ја помина сопствената половина. Офанзивната игра, гостите ја капитализираа на истекот од 10-та минута кога со голот на Борче Манески поведоа со 1-0. Најистурениот фудбалер во гостинските редови најдобро се снајде во казнениот простор и ја погоди мрежата за отварање на резултатот.

Охриѓани брзо се созедоа од шокот и се заканија преку Александар Целски, но неговиот удар заврши покрај голот од битолскиот голман Филип Трајчески. Домаќините продолжија со нападите но не успеаја посериозно да го загрозат голот на битолчани.

Кога сите очекуваа крај на првиот дел. Фудбалерот за врска на Пелистер Игор Момироски маестрално го проигра Антонио Бујчески кој избегна офсајд ситуација и „очи в очи“ шансата ја претвори во погодок и водство (2-0).

На стартот од второто полувреме, охриѓани се обидоа да го нападнат гостинскиот гол но обидите беа или безопасни или неконкретни. Во моменти кога Охрид доминираше главно на средината од теренот уследи трет гол за Пелистер. Капитенот на „зелено белите“, Благоја Љамчевски со помош на живиот ѕид го надмудри домашниот голман за убедлива предноста 0-3.

Охрид продолжи да напаѓа а гостите постигнуваа голови. Пелистер го зголеми водстовто на 0-4 после една добра контра која со погодок ја круниса Александар Неданоски.

Почесниот погодок за охриѓани го постигна Никола Секулоски. Десното крило добро се ослободи од двајца фудбалери и со одмерен удар ја погоди мрежата на Пелистер. Неданоски, пак, со вториот погодок зголеми на 1-5 и стави точка на натпреварот на „Билјанини Извори“.

Пелистер со третата победа во четвртиот натпревар ќе го нападне врвот од табелата, додека на охридските сино бели не им преостанува ништо, туку да се консолидираат и да продолжат да се борат за второлигашки живот.

Во следната рунда Охрид гостува кај тимот на Кадино, а Пелистер на домашен терен го пречекува Гостивар.

OhridNews