Охрид подготвен за најмасовната црковно-верска манифестација по повод претстојниот празник Богојавление- Водици. Централното случување ќе започне традиционално на 19 Јануари кога во 10 часот од Светилникот на градското пристаниште ќе биде положен светиот крст во водите на Охридското Езеро.

Богослужбите како и секоја година и оваа ќе започнат во раните утрински часови, во 7 часот, каде што ќе можат тие кои ќе сакаат да се капат во водите на Охридското Езеро да се пријават за учество на овој настан, истакна Илија Ристески, претставник од Дебарско- кичевската епархија по денешниот одржан координативен состанок.

Положувањето на светиот крст во водите на Охридско Езеро на градското пристаниште ќе започне во 10 часот. Централната богослужба ќе биде во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ со која ќе чиноначалствува неговото високо преосвештенство митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј. Богослужби ќе има и во сите парохиски цркви во стариот дел од градот од каде што потекнува традицијата во храмот „Свети Никола Ѓеракомија“, во црквата „Свети Ѓорѓи“- Горна Влашка Маала и во сите останати градски цркви, вели Ристески.

Како и секоја година огранизациониот одбор е подготвен за најголемиот верски празник, а локалната самоуправа, јавните претпријатија, Дебарско-кичевската епархија, Црвен крст Охрид, нуркачките клубови, здравствените установи, ТППЕ Охрид, СВР Охрид се задолжени за денот да изгледа величествено, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

По положувањето на светиот крст ќе има и забава за сите посетители на охридскиот плоштад со Чалгија саунд систем. Годинава ќе биде одбележан и Денот на рибарите. Во Сараиште тајфата која го фатила крстот традиционално ќе има капење во Охридското Езеро заедно со рибарите кои традиционлано го почитуваат овој ден. Секако ќе има и мала забава подготвена заедно со Охридскиот музички еснаф која ќе придонесе за збогатување на тој амбиент и достоинствена прослава на овој ден, додава Пецаков.

Градоначалникот се надева на голема посетеност и вели од следната година треба да се подготви понуда која ќе привлече поголем број туристи.

Се надевам како и секоја година и оваа ќе има голема посетеност. Ние привлекуваме доста туристи кои се претежно од околните градови, односно од државава. Можеби треба да се размисли за некоја понуда со угостителите и ХОТАМ, но тоа ќе треба да биде за наредната година и да бидат понуди кои би биле дадени на крај на летото и почеток на есента каде би се промовирале пакети, програми кои би привлекле дополнителни гости од странство, вели Пецаков.

Според туристичките работници за Водици најголем дел од посетителите ќе бидат домашните гости.

Оваа година празникот е во средина на неделата, нема споени неработни денови. Најголем број ќе бидат домашните туристи. За жал, оваа година хотелите не можат да излезат во пресрет како и минатите години со многу прифатливи цени. Но, сепак имаат достапни цени за сите, па секој кој сака е добредојден да присуствува на свечениот чин и целата манифестација, вели Јаким Маленко, туристички работник.

Кон празникот Водици охриѓани имаат посебен култ и години наназад илјадници верници како од градот, така и пошироко присуствуваат на големиот водосвет.

Со почитување и запазување на мерките за заштита од Ковид 19 минатата година се одржа манифестацијата посветена на големиот верски празник Богојавление – Водици, додека пак поради пандемијата немаше официјално организирање на Денот на рибарите и не се служеше традиционалната рибна чорба која ќе изостане и годинава.

Н.С.Ј.