Охрид е пред голема шанса да го реши долгорочно проблемот со заштита на Охридското Езеро, доколку се реализира договорот што го склучија владите на Македонија и Јапонија за инвестирање во реконстукција на колекторскиот систем за Охридско Езеро.

Имено, јапонската агенција за меѓународна соработка JICA неодамна достави информација до надлежните институции во Македонија околу отпочнување на процесот за аплицирање пред јапонската влада за проектна активност врзана за одобрување на средствата за оваа намена. Македонската страна преку Одделението на МЖСПП во Охрид и Министерството за животна средина изработи концепт апликација за Физибилити студија за рехабилитација и доизградба на колекторскиот систем на македонска страна и унапредување на пречистителната станица и ја достави до JICA. По добивањето на апликацијата JICA испрати мисија во Македонија со цел добивање на информации директно од терен за состојбата со колекторскиот систем. По средбите со претставници на државните институции во Скопје, мисијата е во Охрид и Струга за запознавање со состојбите. Целата активност околу апликацијата и посетите во Охрид и Струга од македонска страна ја координира Дејан Пановски од Одделението на МЖСПП во Охрид.

– Имаме шанса врз основа на договорот на двете влади , врз основа на Апликацијата која ја подготвивме и врз основа на сета документација и искуство што го имаме, да влеземе во еден од најсериозните зафати за иднината на Охридското Езеро. Како цели ги поставуваме рехабилитацијата на колекторскиот систем, доизградба на истиот односно спроведување на втората фаза и секако подобрување на перформансите на пречистителната станица. Тоа ќе значи спас за езерото, но и спас за субјектите кои управуваат со системот. Не чека долг процес до евентуалното одобрување на средствата за Физибилити студија и за сите овие фази, но вреди да се сработи од наша страна крајно посветено и професионално. Другото е нормално одлука на инвеститорот која очекуваме да е позитивна и во согласност со политичкиот договор.-изјави за OhridNews, координаторот Пановски.


Дали конечно ќе биде доизграден колекторскиот систем на Охридското Езеро?

Инаку, мисијата на JICA, во чиј состав се јапонскиот експерт за води Хироко Камата и  претставникот на Балканската канцеларија на JICA Тору Огура, во Охрид и Струга врши скенирање на состојбата на колекторскиот систем и влијанието врз квалитетот на водите на Охридското Езеро. Мисијата остварува средби со градоначалниците на двете локални  самоуправи , со менаџерските тимови на „Проаква“ и „Нискоградба“ , со тимот од Р. Е „Колектор“-Струга и со тимовите од институциите кои вршат мониторинг вр квалитетот на водите на Езерото и притоките, Хидробиолошкиот завод и Центарот за јавно здравје Охрид. Мисијата ќе ја посети и пречистителната станица во Враништа. Сите наоди , документација и планови ќе бидат разгледани од страна на тимот на јапонската влада при што ќе се одлучи кои делови од апликацијата финансиски ќе се поддржат.

OhridNews