ГРК Охрид денеска го очекува нов силен предизвик на Меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“. Во рамки на второто коло, охриѓани од 18:45 часот во СРЦ „Билјанини извори“ ќе се сретнат со Војводина.
Натпреварот има двојно значење, бидејќи воедно се бодува и во Регионалната ракометна лига, а за ГРК Охрид ова ќе биде прв натпревар на домашен терен во новоформираното регионално натпреварување.
Охрид успешно го започна настапот на турнирот, совладувајќи ја младата репрезентација на Египет со 31:27, додека Војводина во првото коло загуби од Загреб со 21:24.
Пред натпреварот, ракометарот на Охрид Анте Иванковиќ очекува мотивирано издание на неговиот тим.
Не очекува натпревар во првото коло од Регионалната лига против младата и талентирана екипа на Војводина. По успешните подготовки и одличниот турнир во Струга, подготвени сме за нови предизвици. Очекувам добро да се претставиме. Во натпреварот сигурно ќе влеземе мотивирани и ќе дадеме максимум за да оствариме најдобар резултат, вели Иванковиќ.
Од ГРК Охрид ги повикаа љубителите на ракометот да дојдат во „Билјанини извори“ и да му дадат поддршка на тимот на првиот домашен натпревар во Регионалната лига.
Бидете наш осми играч!, порачаа од ГРК Охрид.
Натпреварот ГРК Охрид – Војводина започнува во 18:45 часот.
Г.М.













