Дали локалниte избори, или пак доброто сончево време ги намами охриѓани да излезат од своите домови, никој не знае. Градскиот кеј „бруе“ како во летниот период, а раздвиженоста е голема и во охридската чаршија.
Бројните туристи од соседна Грција, ги запоседнаа кафулината крај градскиот плоштад, а охриѓани го искористија топлото време за прошетка долж крајбрежјето.
Повеќето охриѓани не сакаат да го коментираат изборниот процес, а дел од нив веќе го оствариле демократското право на глас. Но сите со заеднички став дека градот е невообичаено полн за овој период од годината.
Изборниот процес во Охрид тече мирно и без проблеми, а од гласачките места потенцираат дека излезноста е доста голема.
„Избирачкото место се отвори во 7 часот утрово, а немаше никакви проблеми. Излезноста до сега е голема, односно изнесува околу 50 отсто, а се е во најдобар ред.“ – вели претседателката на Избирачкиот одбор од гласачкото место 1270, Елизабета Цветкоска.
Дека гласањето се одвива мирно и без проблеми, не информираа и од избирачкото место 1273.
„Избирачкото место 1273 ги опфаќа ул. „Билјанини Извори“ сите броеви, булевар „Туристичка“ само парните броеви од 2 до 18, булевар „Туристичка“ ББ и „Никола Карев“ сите броеви. Гласањето се одвива без пробеми, а гласачкото место беше отворена во 7:00 часот. Излезеноста е добра, а до сега 370 гласачи го остварија своето право на глас.“ – вели претседателката на Избирачкиот одбор од гласачкото место 1273.
Како што информираат од Општинската изборна комисија, локалните избори во Охрид течат мирно, без проблеми и со висока излезност, која до 13 часот изнесува 40,3 осто од гласачите.
O.T.