Фудбалерите на Охрид со триумф ги завршија мечевите од есенската полусезона во Втората македонска фудбалска лига-запад, откако на домашен терен со 3-2 (2-0) го совладаа тимот на Кадино.

„Рибарите“ со трите бодови од денешниот дуел со Кадино се одлепија од дното и на претпоследната позиција на табелата ќе ја презимат паузата во второлигашката конкуренција.

Охридските фудбалери мотивирано го започнаа натпреварот и уште на стартот покажаа решителност за освојување на трите бодови. Наградата за добрата игра на стартот дојде во 12-та минута со водечкиот погодок на Никола Секулоски. Офанзивецот се најде на вистинско место и отпадокот после ударот на Игор Клечкароски го смести во противничката мрежа.

Во 20-та минута се зголемија проблемите на Кадино откако остана со фудбалер помалку. Мартин Стојаноски доби втор жолт после остриот старт над Александар Ѓорѓиески.

Играчот плус на теренот, охриѓани го искористија во финишот од првиот дел кога Ѓорѓиески со глава ја погоди целта после центаршутот на Александар Целески и маестралната акција на комплетната екипа.

Избраниците на Гоце Толески не го започнаа најдобро второто полувреме и сурово беа казнети. Кадино го намали резултатот со погодокот од далечина на Дино Ачески во 51-та минута.

Охриѓани после примениот погодок се разбудија и ги ставија работите под конрола. Сигурната игра резултатираше со трет погодок во мрежата на гостите. Игор Клечкароски нафрли а Ѓорѓиески со вториот погодок донесе водство 3-1.

Но место да го финишираат противникот Охрид одново се опушти и му подаде рака. Кадино со удар од белата точка намали на 3-2 и внесе голема неизвесност во 71-та минута од натпреварот.

До крајот нападите на гостите не вродија со плод, а кога требаше да го зголемат притисокот останаа со уште еден фудбалер помалку. Во финишот Ромео Кочоски пропушти прилика да постигне четврти погодок и да стави точка на победата.

Во Втората лига следува зимската пауза, а мечевите продолжуваат на пролет. Охрид во првата рунда од пролетната полусезона гостува кај тимот на Лабуништа.

Мх.П.