Охрид се подготвува за најмасовната културно- верска манифестација Богојавление- Водици. Денес градоначалникот Кирил Пецаков одржа координативен состанок со Организцискиот одбор на кој беше посочено дека и годинава празникот ќе биде одбележан на највисоко ниво, а се очекуваат и бројни посетители од земјава и странство.

Водици е најголем празник за охриѓани чија масовна посетеност ја издигнува манифестацијата на највисоко ниво и имаме со што да се гордееме. Годинава за првпат новиот Владика Георгиј ќе го положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро. Ми беше моја огромна чест што присуствуваше на состанокот којшто претставуваше пресек на активностите досегашни. Останува во наредните шест, седум дена да се завршат сите активности од оние институции, јавни претпријатија или поединци коишто треба да ги завршат, за да настанот изгледа онака како што и заслужува Охрид. Буквално, Водици во Охрид е централна манифестација, низ годините самата прерасна во тоа и наша работа е да биде организацијата на највисоко ниво, потенцираше Пецаков.

Истакна дека подготовките за Водици се започнати многу порано првично од она што ќе претставува културен дел, односно делот за забава којшто во овие четири години, вели, постана препознатлив дел и започнува одма после фаќањето на крстот.

На градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ ќе настапат фолк дивата Елена Велевска и младата и талентирана Елена Андоновска. ‎Сето тоа ќе биде надополнето со настанот на Сараиште за Денот на рибарите на 20 јануари.

За Денот на рибарите има настан Охридскиот музички еснаф со којшто традиционално веќе петта година го организираме истиот. Ќе има пача и плашици коишто ќе се делат на народот и нормално тајфата којашто го фатила крстот, традиционално после литургијата во Свети Никола Геракомија се упатува на Сараиште и уште еднаш се капат.

Градоначалникот посочува дека како и секоја година и годинава се очекува масовна посетеност за празникот.

Со оглед на тоа што го имам како податок поврзано со хотелите има одредена исполнетост. Зборувам за ден претходно, затоа што 19 јануари е неработен. Меѓутоа, генерално најголемиот дел од посетителите се од околните градови, традиционално коишто доаѓаат и прават Охрид да има сериозна посетеност или огромна посетеност на настанот којшто е поврзан со Богојавление Водици, така да бројката точна не би можел да ја кажам, ама сигурно би била преку десет, петнаесет илјади луѓе коишто не се од Охрид, а ќе го посетат настанот, додаде Пецаков.

Годинава чинот на положување на светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе го изврши Владиката Георгиј.

Се работи за еден од најважните настани, не само за градот Охрид, туку и за цела Македонија, којшто и во текот на изминатите години никој не го наметнал, туку природно Охрид го има здобиено најважниот настан на Богојавление да се случува токму тука. Би сакал да искажам искрена благодарност за сето она што во минатите години било правено и за сето тоа однапред што ќе го направите. Вака кога гледам колку има обврски, чинам дека мојата обврска ќе биде најлесна, веројатно. Единствено што би сакал да да посакам Господ да помогне сè да помине како што треба во најдобар ред, рече Владиката на состанокот.

Богослужби ќе има во сите парохиски цркви, почнувајќи од раните утрински часови, во седум часот, истакна Илија Ристески, претставник од Дебарско- кичевската епархија.

Централната богослужба ќе биде во Успение на Пресвета Богородица –  Каменско, каде што ќе чиноначалствува неговето високопресвештенство, Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, господин Георгиј, кој ќе дојде во 8.15 часот. Богослужби ќе има и во црквата Св. Никола- Геракомија од каде и потекнува и оваа традиција и каде е централизирана на градското пристаниште, како и во црквите Св. Никола- Долна Влашка Мала и Св. Георгија- Горна Влашка Мала. Во 8.15 часот Владиката ќе дојде на литургија, за потоа во 9.45 часот да тргнат литиите кон градското пристаниште каде што во 10 часот ќе се одржи голем Богојавленски водосвет и ќе се положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро.

Додаде дека во 12 часот во месноста Сараиште ќе има групно крштевање, упатувајќи апел притоа до сите кои имаат желба и потреба да се пријават во црквата Св. Никола Геракомија, во стариот дел на градот. Посочи дека ќе има и крводарителска акција во НУ Центар за култура Григор Прличев во 9.00 до 15.00 часот.

Пријавувањето на фаќачите на крстот е веќе во тек во сите парохиски цркви. Апелираме кој сака да се пријави. Интерес има како и секоја година и од учесниците од другите градови, додаде Ристески.

Како дел од подготвителните активности и логистиката на настанот охридските нуркачи ќе спроведат чистење на дното од Охридското Езеро, на просторот каде ќе се одржува фрлањето на Светиот крст. Исто така, предвидени се и низа активности за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро, соодветно украсување на градот со зеленило и верски знамиња, како и низа значајни активности кои се поврзани со безбедноста на капачите и посетителите.

Кон празникот Водици охриѓани имаат посебен култ и години наназад илјадници верници како од градот, така и пошироко присуствуваат на големиот водосвет.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска