Во дворот на црква Св. Богородица Перивлепта, денес се одржа свеченост по повод возобновување на автентичната плоча, поставена во чест на Никола Исаија Чудов, кој на ова место го засадил дрвото кочеџик, тогаш по повод илјада годишнината од упокојувањето на Првоучителот Свети Методиј.

Овој чин, како што беше истакнато,  е од непроценливо значење за потомците на Никола Исаија Чудов и е резултат на долгогодишно и неуморно залагање на бројни генерации, меѓу кои и на неговите потомци Марија Лебедик и Евгенија Анѓелкоска.

За организацијата на овој настан добивме благослов од неговото Првосвештенство Господин Тимотеј Митрополит Дебарско – Кичевски. Искажувам и особена благодарност до отец Наум. Особено благодарност чувствуваме и кон Лајонс Клубот Лихнидос од Охрид. Благодарност до Културолошката иницијатива „5 до 12“ и до Ансамбалот „Билјана“ за искажаната  почит кон ликот на нашиот славеник. – истакна Евгенија Анѓелкоска, потомок на Чудов.

Охриѓанецот Никола Исаија Чудов бил револуционер, литературен творец, учител, преродбеник, а пред сѐ Македонец. Човекот кој стоел позади огранизацијата за засадување на ова свето дрво во дворот на црквата Света Богородица Перивлепта и кој истиот чин го овековечил со стихови.

Роден во 1865 година, три класа гимназија завршил во родниот град, но за жал немал услови да си го продолжи своето образование, па извесен период работел како писар во Охридската митрополија. Учителствувал во повеќе села од охридскиот, струшкиот и дебарскиот крај. Овој охридски и македонски преродбеник во најново време го откриваме и како литературен товрец.

Вредноста на Чудов и на неговата оставнина беше презентирана преку откривањето на возобновената спомен плоча со истата строфа од песната која во 1986 година кустос Никола Целакоски одлучил дека најдобро ја илустрира личноста на Никола Чудов и причината зошто ова свето дрво се наоѓа токму тука.

На свеченоста ансамблот „Билјана“ ја изведе познатата песна за Христо Узунов напишана токму од Никола Исаија Чудов.

Н. Боздоганова
Фото: А. Момироска