Во рамки на предвидените активности, денес по охридското крајбрежје се делеа флаери, а во просториите на Црвениот крст, се одржа и трибина.
– Постојат повеќе видови заразна жолтица, А, Б и Ц, а најновите истражувања покажуваат дека постои и тип Ф и Г вирус. Полесно се открива жолтицата тип А која и не остава тешки последици врз здравјето на луѓето. Додека пак, Б и Ц доведуваат до оштетување на црниот дроб и појава на цироза, во одредени случаи и карцином на црн дроб, ако навремено не се лекуваат овие два типа на жолтица. Многу лекари ја пропуштаат вирозата од типот Б и Ц затоа што симптомите повеќе не се класични. Многу често не се јавува жолтило, симптомите се многу благи, се јавува тапа болка, гадење, повраќање, губење апетит- симптоми кои секој од нас ги има секојдневно, па затоа не се јавуваме кај лекар. Заболувањето може да се открие сосем случајно.Во акутна фаза многу ретко се открива, повеќе во хронична фаза, затоа треба населението да се информира како заболувањето се пренесува и како да се заштити, вели Д- р Розалинда Исилјаноска, професор на Медицинскиот факултет во Скопје.
Вечерва, во центарот на Охрид ќе биде поставен штанд на кој ќе има мини анкетни прашалници за општата популација, а ќе се дели и едукативен материјал.












