Во родното Белчишта денеска ќе биде погребан Ѓоко Целески (88), ликовен уметник, педагог и основач на ликовната колонија Дебрца.

Од него се простуваат јавни личности, посочувајќи го неговиот придонес во развојот на познатата ликовна колонија во Дебрца.

“Нека ти е вечна слава, мирна душа и мислата нека ти лебди во бескрајниот простор на соѕвездијата.

Драг и почитуван мој пријателе, Ѓорги Целески, ова е дел од моето збогување по веста дека повеќе не си меѓу нас.

Замина тивко, како што и живееше. Човек кој животот го посвети на уметноста како уметник и педагог и кој го носеше товарот на сега престижната Белчишка ликовна колонија.

Драг Ѓоко, заедно со основачите Благоја Силјаноски со сопругата Драгица, твојот Јордан Манасиески и неговиот содружник Трајан Мартиноски и ние, помалите соучесници со голема визија за уметноста, ти беше столб на оваа сега култна манифестација.

Белчишката ликовна колонија, благодарение на тебе, на твоето семејство и блиските луѓе, располага со респектибилен фонд на уметнички дела на домашни и странски познати ликовни уметници.

Само ние во подтекстот на нивните дела можеме да го препознаеме твојот необичен дух и духот на твоите пријатели. Тоа не е само подтекст, туку волшебно чувство за убавината на славна Дебарца.

Пријателе, во мое име и во името на многу луѓе кои те познаваа, а не знаеја дека не си меѓу нас, Ти посакуваме мирна душа, лесна земја и вечна слава.

Ќе живееш вечно во мислите на пријателите.”, напиша познатиот охридски новинар  Симон Илијески.

OhridNews